7 причини да вклучите црвена леќа во исхраната

Леќата ни е добро познато растение на сите нас и е доста застапена во нашата исхрана. Таа припаѓа во групата на мешунки, a може да се сретне во сорти. Кај нас најчесто се користи зелената-кафеавата леќа, но во продавниците можеме да се најде црвена леќа или пак црна леќа.

Без разлика која сорта ќе ја одбереме, ќе направиме одличен избор за здрав оброк кој ќе го обезбеди нашиот организам со потребните хранливи материи. Во продолжение прочитајте за здравствените придобивки од користењето на црвената леќа.

црвена леќа

Здравствени придобивки од употребата на црвена леќа во исхраната

  1. Може да ви помогне во намалување на нивото на холестерол во крвта. Црвената леќа е богата со растворливи растителни влакна кои го апсорбираат холестеролот внесен со храната и не дозволуваат да биде искористен од страна на нашето тело. Тоа помага во одржувањето на здрави крвни садови, а се намалува и ризикот од појава на кардиоваскуларни болести.
  2. Подобрено здравје на срцето.  Неколку студии покажале дека консумирањето на храна богата со растителни влакна може да го подобри здравјето на срцето. Покрај тоа, црвената леќа е добар извор на магнезиум и на фолна киселина што дополнително го засилува позитивниот ефект за здравјето на срцето.
  3. Корисна е за правилна функција на дигестивниот систем. Во леќата има и нерастворливи влакна кои помагаат во превенција на констипација (запек) и други проблеми со дигестивниот систем како што се: синдром на иритабилни црева и дивертикулоза.
  4. Го стабилизира крвниот шеќер. Растворливите влакна исто така спречуваат брзо разложување на јаглехидратите и со тоа ни помагаат да го одржуваме нивото на шеќер во крвта во нормални граници. Ова е навистина важно за лицата со инсулинска резистенција, дијабетес или хипогликемија.
  5. Богата е со растителни протеини. Од сите мешунки и јатки, леќата е трета по ред во содржината на протеини. Околу 26% од вкупните калории кои ги добиваме од консумираната леќа, доаѓаат од растителните протеини, па така леќата е многу важен извор на протеини за вегетаријанците и веганите.
  6. Ви дава енергија. Леќата ви овозможува бавно согорување на јаглехидратите и со тоа ви дава постепено зголемување на ослободената енергија, а оневозможува брзи скокови или падови на енергијата. Леќата е добар извор на железо, минерал кој е неопходен за транспорт на кислородот до сите клетки и ткива, а тоа е есенцијално за правилен метаболизам и ослободување на енергија.
  7. Помага во намалување на телесната маса. Леќата е богат извор на: растителни влакна, минерали, витамини, протеини, сложени јаглехидрати, а притоа содржи мало количество на масти и не е висококалорична храна. Една шолја сварена леќа содржи околу 230Ккал, а сепак ве држи сити и ви ги дава сите потребни микро и макронутриенти.

Автор: Маја Велковска.

Ви предлагаме да прочитате: Посна чорба од леќа.

Сподели: