Обично, кога ќе се спомне здрава храна, бамјата не е првиот зеленчук што ни паѓа на памет. Нејзиниот богат состав кој вклучува многу витамини и минерали, ја прави бамјата исклучително важен зеленчук кој нутриционистите препорачуваат да биде застапен што почесто во исхраната. Зошто е тоа така? – Еве 8 причини да консумирате бамја.
Поради јадливите делови полни со семки, бамјата е ценет зеленчук кој наоѓа примена во подготвување на разни јадења. Изобилува со витамините А, Ц, Е, К, како и со минералите калциум, магнезиум, цинк, калиум и железо. Неспорно е тоа дека е здрава храна, а од текстот ќе дознаеме и зошто.

Спречува гастритис
Бактериите кои ја инфицираат слузницата на желудникот предизвикуваат воспалителни процеси, односно гастритис. Бамјата содржи сок чии состојки ги уништуваат тие бактерии. Децата од 2 до 5 години се најчесто подложни на цревни инфекции, па препорачливо е редовно да консумираат бамја.
Штити од деменција
Благодарение на антиоксидативните компоненти во семките и нивното дејство, бамјата го намалува ризикот од развој на деменција и други дегенеративни болести поврзани со оксидативен стрес.
Помага за здрав црн дроб
Го намалува ризикот од појава на болести на црниот дроб, орган задолжен за чистење на телото. Лековитите дејства на бамјата врз црниот дроб се должат на нејзините антиоксидативни својства.
Го подобрува видот
Содржи големи количини на витамин А кој знаеме дека е чувар на очите. Редовната консумација на бамја штити од макуларна дегенерација на очите и развој на катаракта.
Бамјата дава енергија
Бамјата е делотворна и во борбата против уморот. Содржи полифеноли и флавоноиди кои го поттикнуваат складирањето на гликоген во црниот дроб. Гликогенот претставува „гориво“ за нашето тело, што значи дека со јадењето на бамја, телото го собира потребниот гликоген за нормална функција и енергија.
Се препорачува за слабеење
Бамјата е зеленчук богат со растворливи растителни влакна. Овие растителни влакна кога се консумираат даваат чувство на ситост подолго време. Така се намалува потребата за храна и затоа бамјата помага при слабеење.
Бамјина вода за дијабетес
Бамјината вода е одличен напиток за лица кои страдаат од дијабетес. Потребни ви се 4 парчиња бамја и 250 мл вода. Измијте ја бамјата, отстранете ги краевите и пресечете ја на пола. Ставете ги исечените парчиња бамја во водата. Покријте и оставете да стои преку ноќ. Секое парче бамја исцедете го со рака во водата и фрлете го. Бамјината вода пијте ја секој ден.
Ги јакне коските
Овој зеленчук е богат извор на витамин К потребен за коските и крвта. Исто така, содржи и витамин А потребен за здрави и цврсти коски. Затоа, ако сакате вашите коски да останат силни, консумирајте бамја.
Ви препорачуваме да прочитате: Алкална храна за супер здравје и енергија.