посна ледена коцка

Посна ледена коцка со пудинг – од кујната на Марија Кочовска

Нема потреба ни за време на пости да се одрекувате од омилениот колач! Ви приготвив посна кремаста ледена коцка со богат ванила фил и прелив од чоколадо! Сите добри нешта одат во пар, нели? – вели Марија.

Сочна, мека и идеална за сечија трпеза. Ги почестивме најблиските и пријателите, а сите што ја пробаа го потврдија одличниот вкус. На вас останува само да ги следите инструкциите за подготовка, а доколку имате прашања, слободно пишете ни порака.

посна ледена коцка

Состојки:

  • 2 ½ чаши брашно
  • 1 ½ чаша шеќер
  • 1 ќесичка (3 грама) сода бикарбона
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 2 лажици какао
  • 3 лажици масло
  • 2 чаши газирана вода
  • 5 лажици мармалад од праска.

За прелив:

  • 300 мл вода
  • 150 грама шеќер.

За фил:

  • 1400 мл вода
  • 600 грама шеќер
  • 2 кесички прашок за пудинг од ванила
  • 8 лажици брашно
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 250 грама маргарин на собна температура.

За глазура:

  • 200 грама посно чоколадо за готвење
  • 2 лажици масло
  • 2 лажици вода.
посна ледена коцка

Подготовка:

  1. Во длабок сад ставете ги брашното, шеќерот, содата, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер и какаото. Измешајте ги состојките со лажица.
  2. Во садот додајте ги маслото, водата и мармаладот. Измешајте за да се добие хомогена смеса.
  3. Правоаголната тава (бр.40) намрсете ја и набрашнете ја. Во тавата ставете ја смесата за колачот. Печете во загреана рерна на 220 степени за време од 20-25 минути. Печениот колач оставете го да се излади.
  4. Во меѓувреме започнете со подготовка на филот. Во тенџере на оган ставете 1100 мл вода и 600 грама шеќер да се варат. Прашокот за пудинг, брашното и ванилиниот шеќер ставете ги во длабока чинија. Измешајте ги и додајте 300 мл вода. Во зовриениот шеќерен сируп додајте ги пудинзите. Варете 2-3 минути додека пудингот се згусти. Тенџерето тргнете го од огнот и оставете го пудингот да се излади.
  5. Во тенџере на оган ставете 300 мл вода и 150 грама шеќер. Штом шербетот зоврие, варете уште 2-3 минути. Со топлиот шербет потурете го изладениот колач.
  6. Во сад за матење ставете го маргаринот и изматете го. Во садот постепено додавајте од изладениот пудинг. Миксирајте додека добиете хомоген фил, а потоа нанесете го врз колачот.
  7. Чоколадото растопете го на пареа. Во садот со растопеното чоколадо додајте ги водата и маслото, и измешајте. Глазурата ставете ја врз филот. Оставете го колачот во фрижидер со времетраење од најмалку 2 часа. Потоа исечете парчиња и послужете!

Совет плус: Колачот може да го приготвите еден ден порано, а потоа да го служите. Така ќе се соединат вкусовите и ќе се добие најдобар колач.

готвач

Ви предлагаме да прочитате: Атлантис торта – слатка морска идила за сечиј вкус.

Сподели: