Шпагети со сирење и црн пипер „Cacio e Pepe“

Љубители сте на италијанската кујна? Имаме фантастично добар и лесен рецепт за популарните шпагети со сирење и црн пипер познати како „Cacio e Pepe“.

Овој рецепт е традиционален за италијнаската кујна, а името „Cacio e Pepe“  во превод значи сирење и пипер. Рецептот е многу едноставен, а главните состојки за подготовка се шпагети, црн пипер и сирење Пекорино (жолто овчо сирење со сличен изглед на кашкавал).

шпагети со сирење и црн пипер

Состојки:

  • 4 лажици екстра девствено маслиново масло
  • мелен црн пипер
  • сол
  • 225 грама шпагети
  • 2 лажици путер
  • 55 грама рендано пекорино сирење (во замена може да користите кашкавал).

Подготовка:

  1. Во нелеплива поголема тава на оган на умерено ниска температура ставете 3 лажици маслиново масло. Во тавата додајте 1 мала лажичка мелен црн пипер. Мешајте додека почувствувате убава миризба од пиперот, за време од 1 минута. Тавата тргнете ја од огнот.
  2. Во големо тенџере на оган, на висока температура ставете вода да се вари. Штом водата зоврие, во тенџерето додајте ги шпагетите да се варат. Зачинете ги со малку сол. Шпагетите варете ги ал денте и тоа една минута помалку од упатството кое е наведено на пакувањето.
  3. Земете 2 до 3 лажици од водата во која се вареа шпагетите и додајте ги во тавата со црниот пипер. Во тавата додајте го и путерот. Измешајте и додајте ги исцедените шпагети.
  4. Во тавата додајте ги ренданото сирење и преостанатото маслиново масло. Измешајте со виљушка додека сирењето се растопи. Додајте уште неколку лажици од водата во која се вареа шпагетите и измешајте. Потребно е да добите кремаст сос. На крај, шпагетите зачинете ги со сол и црн пипер.
  5. Топлите шпагети ставете ги во чинија и наросете ги со рендано сирење и мелен црн пипер. Послужете ги веднаш. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Оригинален класичен рецепт за карбонара шпагети.

Сподели: