Ако сте обожавател на здрава храна и разни рецепти кои се прават што поздраво, вашата колекција ќе стане побогата за уште еден рецепт за вкусни безглутенски погачки со маслинки и оригано.
Специјално за сите кои имаат здравствен проблем со глутенот, а и за сите кои би сакале малку поздраво да се храна, освен овие безглутенски погачки со маслинки и оригано, можеме да препорачаме и рецепти за здрава проја со блитва и здрава проја со семиња, кои исто така не содржат глутен и се корисни и доколку внимавате на виткоста на телото. Глутенот е протеин кој се среќава во групата на житни растенија, како што се пченица, ‘рж, јачмен, а неговата улога е да и помогне на храната да ја задржи својата форма, заради што често се опишува како леплива растеглива материја. Сензитивноста на глутен е дефинирана како повлекување на симптомите по елиминирање на храната која го содржи глутенот,а повеќе за симптомите може да дознаете тука.
Овие безглутенски погачки со маслинки и оригано се доста цврсти и лесни одлични за носење на работа, на излези, на училиште или каде и да посакате, а во продолжение повелете рецептот.

Состојки:
- ¼ свеж квасец
- ½ лажиче шеќер
- ½ лажиче сол
- 100 мл млака вода
- 5 полни лажици пченкарно брашно
- 2 јајца
- 340 грама пченкарно брашно
- 3 лажици масло
- 15 исечкани маслинки
- 1 полна лажица оригано
- 1 полна лажица мелено ленено семе
- 1 кесичка прашок за печиво
- 100 мл млеко.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги квасецот, шеќерот, солта, млаката вода и 5-те лажици пченкарно брашно. Измешајте и оставете да постои малку, за квасецот да надојде.
- Потоа, во садот за месење додајте ги пченкарното брашно и печивото, маслото, јајцата, исечканите маслинки, ориганото, лененото семе и на крај млекото.
- Смесата убаво измесете ја и формирајте топчиња со големина на јајце. За да бидат подекоративни, ние им засековме линии, тоа е по желба.
- Печете по загреана рерна на 180-190 степени за време од 20-25 минути.
На здравје!