Нема да поверувате колку оваа брза посна торта со кокос и портокал е вкусна и сочна. Ви предлагаме во првата прилика да ја направите и дегустирате со вашето семејство и пријателите.
Тортата ја припреми Марија Кочовска за време на подготовка на свечената трпеза за куќна слава во време на пости. Сите гости ја пробаа оваа торта и го потврдија нејзиниот фантастично добар чоколаден вкус со освежителна арома на портокал, надополнета со кокос и мармалад од црни сливи. А штом ја направите, не заборавајте да ни напишете во коментар како ви се допаднала.

Состојки:
- 4 кафени шолји шеќер
- 6 кафени шолји брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- кора од еден портокал или мандарина
- 100 грама кокосово брашно
- 5 кафени шолји минерална газирана вода
- 1 кафена шолја масло
- свежо цеден сок од 1 портокал или мандарина
- 5 до 6 лажици мармалад од црни сливи (може да користите и друг мармалад по желба)
- 2 лажици какао.
Подготовка:
- Рерната загрејте ја на 180 до 200 степени.
- Брашното пресејте го со сито.
- Во длабок сад ставете шеќерот, брашното, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер, кокосот и кората од портокал. Убаво измешајте ги состојките.
- Во садот додајте ги маслото, минералната вода и сокот од портокал. Добро измешајте со жица за матење за да се добие хомогена смеса без грутчиња.
- Смесата поделете ја на два еднакви дела. Во едниот дел додајте го какаото и измешајте со жицата за матење.
- Во правоаголна тава број 40 ставете хартија за печење. Во тавата ставете ја чоколадната смеса и печете ја во загреената рерна за време од 10 до 15 минути, додека се добие кора по површината. Потоа, тавата извадете ја и тортата премачкајте ја со мармаладот од црни сливи.
- Врз мармаладот ставете ја преостанатата смеса од ванила и портокал, и добро израмнете. Тавата вратете ја во рерната и продолжете со печењето за време од 20 до 25 минути, додека тортата добие златно-жолта боја. Повремено проверувајте со чепкалка, дали тортата е испечена. Печената торта, извадете ја од рерната и покријте ја со кујнска крпа. Оставете ја да се излади.
- Изладената посна торта превртете ја од тавата и извадете ја хартијата за печење. Потоа, тортата повторно вратете ја во тавата и сечете парчиња со големина по желба. Доколку сакате, можете повторно да ја премачкате со мармалад и да наросите кокос.
Препорака од авторот:
Ти се допадна рецептот? Ако си во потрага и по други испробани рецепти и идеи, посети ги моите профили на социјалните мрежи и пронајди ја твојата инспирација. Разгледај и заследиме на:
- Instagram – @kocovska.marija
- Facebook – Marija Kocovska
- Youtube – Marija Kocovska
- Tik Tok – @marija.kochovska.
Може да те интересира: Посна овошна торта без печење.