Ако сте во потрага по совршен десерт за празничното мени, нашата пријателка Елизабета има одличен рецепт. Брза празнична торта со сочно тесто и префинет фил. Пробајте ја, нема да погрешите!
Совршениот спој на сите состојки прави да уживате во секое залче од оваа празнична торта. Подготовката е брза и лесна, а сигурни сме дека најмногу ќе уживате во декорирањето. Разбудете ја вашата креативност и направете најубав празничен десерт со уникатна новогодишна декорација.

Состојки:
За тесто:
- 285 г шеќер
- 120 мл масло за јадење
- 3 јајца
- 1 лажица екстракт од ванила
- 120 мл кисела павлака
- 280 г брашно
- 60 г какао
- 2 ½ лажички прашок за печиво
- ½ лажичка сода бикарбона
- 355 мл кафе или вода.
За фил:
- 350 г путер на собна температура
- 780 г шеќер во прав
- 2 лажички екстракт од ванила
- 10 лажици слатка павлака
- 100 г рендано чоколадо.
Подготовка:
- Во длабок сад изматете ги шеќерот, маслото, јајцата и екстрактот од ванила. Потоа додајте ја киселата павлака и повторно изматете.
- Во друг сад измешајте ги какаото, прашокот за печиво, сода бикарбона и брашното.
- Постепено додавајте ги сувите состојки во изматените. На крај додајте го и кафето. Изматете кратко за да се соединат состојките.
- Тестото поделете го на 3 еднакви делови. Секој дел печете го во калап со дијаметар 20 cm, претходно обложен со хартија за печење. Готовото тесто извадете го од рерна и оставете го да се излади.
- Додека се лади тестото, спремете го филот. Во сад изматете го путерот додека да добиете пенеста смеса. Потоа, додајте ги шеќерот во прав, екстрактот од ванила и слатката павлака. Продолжете со матење за состојките да се соединат.
- Откако корите ќе се изладат може да ги филувате. На првата кора ставете од филот и убаво распоредете го. Врз филот ставете рендано чоколадо. Одозгора ставете ја втората кора и повторете ја постапката. Ставете ја и третата кора и филувајте ја цела торта.
- Украсете ја со новогодишни мотиви по ваша желба и послужете ја. На здравје!
Автор на рецептот: Елизабета Пешовска (My little kitchen stories).
Ви предлагаме да прочитате: Посна баклава со ф’стаци.