брза торта со јаболка

Брза торта со јаболка

Една од најпопуларните пити во светот е Американската пита со јаболка, а ние ви претставуваме едноставен, евтин и лесен рецепт од нашата кујна за брза торта со јаболка, која е неодоливо мека и вкусна!

Сезоната на јаболка започна, а од нив се прават најубавите десерти, компоти и мармалади. Јаболката, благодарение на состојките кои ги содржат во себе, се многу здрави намирници. Од витамините ги содржат витамин Ц, витамини од групата Б, а од минералите застапени се калциум, калиум, фосфор, железо, магнезиум и цинк. Високата содржина на растителни влакна и присуството на антиоксиданси, помагаат за подобро варење на храната и зајакнување на одбранбениот систем на телото.

брза торта со јаболка

Состојки:

  • 7 јаболка со средна големина
  • 6 јајца
  • 6 лажици шеќер
  • 6 лажици брашно
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 2 ќесички шлаг пена
  • 300 мл млеко.

Подготовка:

  1. Јаболката излупете ги, исчистете ги, расечете ги на четвртинки или помали парчиња и ставете ги во правоаголна тава за печење. Тавата со јаболка ставете ја во загреана рерна на температура од 220 степени. Јаболката печете ги додека омекнат за време од 15 до 20 минути. Штом јаболката омекнат, извадете ја тавата од рерна и нанесете ја смесата за пандишпан.
  2. Во меѓувреме подгответе го пандишпанот. Јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер ставете ги во длабок сад за матење. Матете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
  3. Откако шеќерот ќе се растопи додајте ги брашното и прашокот за печиво. Смесата измешајте ја со лажица и нанесете ја врз печените парчиња јаболка.
  4. Потоа, тавата повторно ставете ја во рерна да се пече, дополнителни 10 до 15 минути. Проверете со чепкалка дали пандишпанот е испечен. Доколку чепкалката е чиста, печењето е готово.
  5. Печената торта со јаболка, извадете ја од рерната и оставете ја да се излади. Потоа, внимателно превртете ја тортата, така да долната страна каде што се наоѓаат јаболката да биде од горе.
  6. Шлаг кремот и млекото ставете ги во сад за матење. Изматете ги со миксер додека се добие густ шлаг. Шлагот нанесете го врз тортата со јаболка. Исечете парчиња од тортата и послужете. На здравје!

Сподели: