Велигден е еден од најголемите христијански празници. Празник на надежта, кој ги исполнува срцата со топлина, а мислите со оптимизам и верба. Ден на радоста и среќата, но и вистинска можност семејството да се собере на заедничка велигденска трпеза. Убави јадења, салати и пијалоци. Но, свечената трпеза не може да помине без вкусен десерт, нели? А што поубаво ќе ја надополни трпезата од преубави велигденски декоративни колачиња?!
Во пресрет на еден од најголемите христијански празници, ви откриваме одличен рецепт за вкусни велигденски декоративни колачиња во разни бои и форми. Соберете ги најмалите во семејството и уживајте во подготовката. Разбудете ја вашата фантазија и декорирајте ги со најубави велигденски мотиви. Имајте среќни празници!

Состојки:
- 250 г путер
- 450 г брашно
- 100 г шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 1 јајце + 1 жолчка
- 1/3 кесичка прашок за печиво
- фондан во разни бои
- џем од кајсии.
Подготовка:
- Во сад, со миксер изматете ги путерот, шеќерот, ванилиниот шеќер, јајцето и жолчките.
- Потоа, додајте брашно и прашокот за печиво и замесете тесто. Подготвеното тесто завиткајте го во најлонска фолија и оставете го во фрижидер 1 час.
- На набрашнета површина расукајте го тестото во кора со дебелина од 5 мм. Потоа, со калап извадете форми по желба.
- Колачињата редете ги во тава обложена со хартија за печење. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, за време од 12-14 минути.
- Печените колачиња извадете ги од рерна и оставете ги кратко да се изладат. Потоа, извадете ги од тавата и оставете ги целосно да изладат.
- Изладените колачиња премачкајте ги со џем. Фонданот тенко развлечете го и со истите калапи извадете ги истите форми. Фонданот ставете го врз колачињата и декорирајте ги по желба.
Ви препорачуваме да прочитате: Велигденски ручек – супер совети за организација и декорација на празнична трпеза.