Празниците претставуваат совршена можност за да ги направите вашите омилени десерти и рецепти. А, за уште послатки и понеодоливи празници пробајте го нашиот нов рецепт за велигденски еклери. Тие се совршени, воздушести и меки, исполнети со неодоливо вкусен и кремаст фил од ванила. Едноставно мора да ги пробате и да се уверите!
Кој може да одолее на добро познатиот кремаст вкус на еклери? Ако сте во групата кои немаат големо искуство и почесто купуваат готови еклери, но имате желба да ги направите дома, следете ги инструкциите во понатамошниот рецепт. Ви гарантираме дека тестото секогаш ќе ви се погоди, а еклерите ќе будат воздушести и шупливи.

Состојки:
- 250 мл вода
- 120 мл масло
- 225 г брашно
- 4 јајца
- 1/2 ќесичка прашок за печиво.
За фил:
- 3 ќесички пудинг од ванила
- 800 мл млеко
- 200 г шеќер
- 500 мл слатка павлака за готвење.
За декорација:
- 200 г чоколадо за готвење
- 3-4 лажици масло
- украси по желба со велигденски мотиви.
Подготовка:
- Во длабок сад на оган ставете ги водата и маслото. Откако ќе зовријат, продолжете со варење 2 минути.
- Во садот со маслото додајте го просеаното брашно. Измешајте за да се соединат, а потоа тргнете го садот од оган. Додајте го прашокот за печиво, повторно измешајте и оставете ја смесата да се излади.
- Во изладената смеса додавајте ги јајцата едно по едно и матете со миксер со додатоците за месење тесто. Добро измешајте го тестото додека постане мазно и сјајно.
- Плехот обложете го со хартија за печење.
- Со помош на готварски шприц нанесете го тестото за еклери со должина од 5-6 см врз плехот за печење. Оставете растојание од еден до друг еклер, затоа што со печењето истите ќе нараснат и ќе го зголемат својот волумен.
- Печете ги во претходно загреана рерна на 250 степени за време од 10 минути, потоа намалете ја температурата на 150 степени и продолжете со печење уште 20 минути. Притоа многу е важно да не ја отворајте рерната за време на печењето. Ако ја отворите рерната, рецептот нема да биде успешен.
- Печените еклери извадете ги од плехот и наредете ги врз решеткаста подлога и оставете ги да се изладат.
- Додека се ладат еклерите подгответе го филот. Во тенџере на оган ставете 600 мл млеко и додајте го шеќерот. Измешајте и оставете го млекото да се свари.
- Во друг сад ставете го прашокот за пудинг и додајте 200 мл млеко. Пудингот матете го со жица за матење. Во зовриеното млеко додајте го пудингот и мешајте 3-5 минути додека филот се згусти. Кога кремот ќе ја постигни посакуваната густина, оставете го да се излади на собна температура. Садот со пудинг покријте го со најлонска фолија за да не фати кора.
- Изладените еклери поделете ги на половина со остар нож.
- Откако ќе се излади пудингот од ванила, изматете ја слатката павлака. Изматената слатка павлака додајте ја во пудингот од ванила, добро изматете со миксер за да се соедини филот. По желба додајте шеќер во прав доколку филот не ви е доволно благ.
- Со вака подготвениот фил наполнете ги еклерите.
- Во меѓувреме подгответе ја и чоколадната глазура за еклери. Во сад на пареа стопете 200 г чоколадо за готвење со 3-4 лажици масло. Со вака подготвената глазура чоколадирајте ги еклерите. По желба може да додадете и украси со велигденски мотиви.
- Може да ги послужите веднаш или да ги чувате во фрижидер за подобро да се стегнат. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Индијанки со фил од пудинг.