Велигденската слатка магија е насекаде околу нас! На детската радост и нема крај со најдобрите и испробани рецепти од кујната на Сѐ за храна. Празниците разубавете ги и направете слатко катче со брзи и едноставни рецепти. Доволни ви се само 5 минути за подготовка на велигденските чоколадни гнезда кои се рецепт број 1 за овие празници.
„Поканете ги најмалите и забавувајте додека ја подготвувате оваа слатка празнична приказна. Чоколадните гнезда се крцкави и вкусни, а дополнети со веселите јајца се празнично уживање кои ќе креира слатки спомени!“ – вели Марија која го направи овој рецепт.
Состојки:
- 200 г чоколадо за готвење
- 2 лажици мед
- 120 г корнфлекс
- 120 г чоколадни јајца.
Подготовка:
- Корнфлексот ставете го во најлонска кеса и истолчете го на средно големи парчиња.
- Во сад на пареа или микробранова печка ставете го претходно искршеното чоколадо и растопете го.
- Во растопеното чоколадо додајте го медот и измешајте. Потоа додајте го корнфлексот и измешајте за да се соединат состојките.
- Во калап за мафини ставете од смесата. Со помош на мала чаша или толчник обликувајте гнезда.
- Калапот ставете го во замрзнувач за време од 15-20 минути за да се стегни чоколадото.
- Велигденските чоколадни гнезда извадете ги од калапот, а во внатрешноста ставете чоколадни јајца. На здравје!
Препорака од авторот:
Ако ви се допадна рецептот и сакате да го направите, а имате прашања – слободно пишете ми и пратете ми ги вашите фотографии од чоколадните гнезда. Ќе ми биде задоволство да ги погледнам фотографиите и споделам на моите профили на Facebook и Instagram. Следете ме на:
Разгледајте дел од мојата галерија на солени и слатки рецепти.
Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска, @kocovska.marija.
Ви препорачуваме да прочитате: Велигденска трпеза – 3 брзи и лесни Витаминка рецепти.