„Ванила, потпечени лешници, ореви и бело чоколадо… ова е магичната комбинација која ја прави еврејската торта толку популарна и омилена. Решив да ја испробам за роденден и што можам да кажам – превкусна е и вреди да ја направите за велигденските празници или друг свечен повод. Бев во потрага по најдобриот рецепт, па направив моја верзија – еврејска торта со ореви и лешници која верувам дека ќе ви се допадне и ќе ве освои при прв залак!
Се инспирирав од рецептот на мојата пријателка Невена, но додадов лешници за побогат вкус и ванила за побогата арома.“ – вели Марија.

Состојки:
- 12 јајца
- 300 г шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 200 г потпечени мелени ореви
- 4 лажици брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво.
За фил 1:
- 12 жолчки
- 10 л шеќер во прав
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 200 г бело чоколадо
- 250 г путер или маргарин
- 50 г шеќер во прав
- 200 г потпечени сечкани лешници.
За фил 2 и декорација:
- 200 г шлаг пена
- 400 мл ладно млеко или вода.

Подготовка:
- Започнете со подготовка на пандишпанот. Шеќерот и ванилата измешајте ги. Во длабок сад за матење ставете ги белките и дел од шеќерот. Матете со миксер и постепено додавајте го шеќерот. Матете околу 7-8 минути додека добиете цврст шлаг.
- Оревите, брашното и прашокот за печиво измешајте ги во сад и додајте ги во изматените белки. Измешајте со голема лажица или шпатула за да се соединат состојките.
- Смесата за пандишпанот ставете ја во плех обложен со хартија за печење и израмнете ја.
- Печете во загреана рерна на 180 степени за време од 15-20 минути. На крај проверете со чепкалка дали пандишпанот е испечен.
- Додека пандишпанот се печи, започнете со подготовка на филот. Во сад за матење ставете ги жолчките, шеќерот и ванилиниот шеќер. Кратко изматете со миксер, а потоа ставете го садот на пареа. Продолжете со матењето додека смесата се згусти. Потоа продолжете да мешате со лажица додека филот се згусти и се постигни температура над 60-70 степени за време од 3 минути (со оваа постапка се прави пастеризација на жолчките). Филот оставете го да се излади.
- Чоколадото растопете го на пареа.
- Путерот изматете го со шеќерот во прав, а потоа додајте ги жолчките и растопеното чоколадо. Изматете со миксер за да се соединат состојките. Во филот додајте ги потпечените сечкани лешници и измешајте со лажица. Ако не е доволно цврст, филот ставете го во фрижидер за да се стегни околу 30-60 минути.
- Отстранете ја хартијата од пандишпанот и исечете го на три ленти.
- Шлаг пената ставете ја во сад за матење и додајте го млекото. Изматете 3-4 минути за да се добие цврст шлаг.
- Земете ја првата лента и ставете ⅓ од филот со жолчките, а потоа ставете ¼ од шлаг пената. Ставете ја и втората лента, нанесете фил со жолчки, па шлаг пена. На крај додајте ја третата лента и премачкајте ја тортата со преостанатиот фил од жолчки. Потоа измачкајте ја со шлаг пена и декорирајте по желба. Готовата еврејска торта со ореви и лешници оставете ја во фрижидер неколку часа (најдобро е преку ноќ) за да се стегне, а потоа послужете ја. Уживајте со најблиските и на здравје!

Препорака од авторот:
Се надевам дека те мотивирав да ја направиш еврејската торта за празниците, а ако си во потрага и по други рецепти и идеи за Велигден, посети ги моите профили на социјалните мрежи и пронајди ја твојата инспирација. Може да ме следиш и да разгледаш повеќе рецепти на:
- Instagram – @kocovska.marija
- Facebook – Marija Kocovska
- Youtube – Marija Kocovska
- Tik Tok – @marija.kochovska.
Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска, @kocovska.marija.
Ви препорачуваме да прочитате: Сладолед торта – чоколаден мус со јагоди.