Дански путер колачиња

Дали размислувaте што вкусно ќе подготвите за празниците кои доаѓаат? Дали се одлучивте какви колачиња да направите за вашите најмили? – Ние ви предлагаме да подготвите дански путер колачиња кои ќе ви ја разубават трпезата. Рецептот го најдовме на инстаграм блогот на нашата пријателка Радица, па со задоволство го споделуваме со вас.

Таа вели: „Овие традиционални дански путер колачиња ги правам секоја година за новогодишните празници. Мислам дека целата празнична бајка е собрана во ароматичниот вкус на путерот во комбинација со ванилата. Се подготвуваат лесно и брзо, а одлично одат во комбинација со млеко, шолја чај или топло чоколадо.“

Па, можеби токму овие колачиња ќе станат традиција и во вашето семејство!

дански путер колачиња

Состојки:

  • 200 г брашно
  • 120 г путер
  • 80–100 г шеќер во прав
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • малку прашок за печиво
  • 1 јајце.

За декорација:

  • бело чоколадо за готвење
  • црно чоколадо за готвење.

Подготовка:

  1. Во подлабок сад ставете ги брашното и прашокот за печиво. Додајте ги стопениот путер, јајцето, шеќерот во прав и кесичките ванилин шеќер. Замесете меко тесто.
  2. Тестото ставете го во шприц за тулумби и обликувајте мали колачиња. Колачињата ставете ги во тава обложена со хартија за печење и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180˚C околу 10-15 минути. Потоа, извадете ги и оставете ги да се изладат.
  3. По желба, половина од колачињата декорирајте ги со бело чоколадо, а половина со црно чоколадо.
  4. Во помал сад на пареа растопете го белото чоколадо. Секое колаче потопете го до половина во чоколадото. Вака подготвените колачиња декорирајте ги по желба и оставете ги да се изладат.
  5. Истата постапка повторете ја и со црното чоколадо.
  6. Колачињата послужете ги во комбинација со топло чоколадо и уживајте во вкусот. На здравје!

Автор на рецепт: Радица Китевска (radishas_kitchen_diaries).

Ви препорачуваме да прочитате: Суви празнични колачи со лешници и цимет.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: