Домашен рецепт за крем пита

Крем питата е најубава кога е направена од домашни кори, нели? Но, истата може да се направи и со готови кори, а тоа го препорачуваме за оние кои се малку понеискусни во кујната.  А за оние похрабрите кои имаат повеќе искуство во подготовка на колачи им нудиме домашен рецепт за крем пита.

Но, покрај одличните кори, она што всушност воодушевува во овој рецепт е богатиот и превкусен фил. Тој е направен од млеко и јајца и има прекрасна арома на ванила.  Кремаст е и воздушест, а што е најважно кога ќе пресечете парче не се разлева и останува на место. Па, со право можеме да кажеме дека овој рецепт кој ни доаѓа од кујната на Лана е совршен.

рецепт за крем пита

Состојки:

За кори:

  • 180 + 70 г брашно
  • 1 жолчка
  • 1 лажица масло
  • 1 лажица киселина
  • ½ лажица шеќер
  • прстофат сол
  • 125 г маст на собна температура
  • 125 г путер или маргарин на собна температура
  • малку вода

За фил:

  • 10 јајца
  • 1 л млеко
  • 250 мл вода
  • 500 г шеќер
  • 3 ќесички ванилин шеќер
  • 150 г брашно
  • 100 г густин

Подготовка:

  1. Најпрво се прават корите. Во еден сад измешајте ги 180 г брашно, жолчката, маслото, киселината, шеќерот, солта со околу половина чаша вода. Од состојките замесете тесто. Тестото завиткајте го во фолија и оставете го да стои во фрижидер за време од 15 минути.
  2. Во друг сад измешајте 70 г брашно со маста и путерот. Добиената смеса поделете ја на три дела.
  3. Тестото развлечете го во правоаголна кора и премачкајте го со 1/3 од смесата од брашното и путерот. Превиткајте го на половина како книга и оставете го да стои во фрижидер околу 30 минути.
  4. Тестото повторно исучете го и премачкајте го со смесата од брашно и путер. Превиткајте го на половина како книга и оставете го да стои во фрижидер околу 30 минути.
  5. Постапката повторете ја уште еднаш. Најдобро е тестото за корите да се подготви еден ден порано, а наредниот ден да се печи.
  6. Изладеното тесто поделете го на два дела. Исучете кори во големина на плехот за печење. Плехот обложете го со хартија за печење и ставете ја првата кора од тестото. Тестото малку се собира во печењето, па може корите да развлечете до самите рабови на плехот.
  7. Кората боцнете ја со виљушка на неколку места. Плехот ставете го да пече во претходно загреана рерна на 200 степени за време од околу 15 минути.
  8. Испечената кора внимателно отстранете ја од плехот заедно со хартијата за печење и оставете ја да се излади.
  9. Од преостанатиот дел од тестото исучете уште една кора и ставете ја во плехот кој претходно сте гто обложиле со хартија за печење. Кората боцнете ја со виљушка на неколку места и ставете ја да се пече. Печената кора извадете ја од рерната и оставете ја да се излади. Поубавата кора исечете ја на коцки.
  10. Во сад измешајте го млекото со 200 г шеќер и ванилиниот шеќер. Садот ставете го на оган на умерена температура да се вари.
  11. Жолчките одвојте ги од белките во два посебни сада.
  12. Жолчките изматете ги со 200 г шеќер. Во добиената смеса додајте го густинот, брашното и 250 мл ладна вода. Добро измиксирајте додека добиете мазна и хомогена смеса без грутки.
  13. Во садот со млекото кое врие, додајте ја смесата со жолчките. Варете ги со постојано мешање додека добиете густ крем.
  14. Садот со кремот тргнете го од огнот и покријте ја со фолија. Кремот оставете го малку да се излади.
  15. Во меѓувреме изматете ги белките со 100 г шеќер во цврст шлаг.
  16. Шлагот од белки измешајте го со изладениот крем од жолчки и млеко.
  17. Правоаголниот калап обложете го со хартија за печење и врз неа ставете ја целата испечена кора. Може да користите и повисока тава за печење, а важно е филот да не се излее. Доколку краевите на кората се подолги од калапот слободно пресечете ги.
  18. Врз кората рамномерно нанесете го филот. Врз филот ставете ги исечените коцки од кората.
  19. Врз крем питата поросете шеќер во прав и чувајте ја на ладно место се до служење.

Напомена: Со оглед на тоа што филот за крем питата е направен од јајца и млеко, најдобро е истата да се консумира во рок од 2-3 дена.

Ви препорачуваме да прочитате: Крем пита со јагоди.

Сподели: