Можеби ќе помислите, полесно е да се купи, зошто да губам време… Но, искрено речено, секоја минутка инвестирана во подготовка на здрави оброци се исплаќа многу, а посебно кога ќе размислиме на подолг рок. Оваа домашна паштета од печурки и ореви е како создадена за појадок, од срце препорачуваме да ја пробате!
Домашните намази се интересни за целото семејство, а посебно ако ги направите вкусни и со љубов! Оваа паштета е баш неодолива. Кога ќе ја пробате ќе знаете!

Состојки:
- 250 гр свежи шампињони
- 30 гр ореви
- 1 варено јајце
- ½ мала главица кромид
- 2 чешниња лук
- прстофат од мајоран и од мајчина душичка
- 70 гр путер
- 2-3 лажици масло
- 1 лажица крем сирење
- сол и црн пипер по вкус.
За сервирање:
- леб по потреба
- младо зелено кромидче по потреба.
Подготовка:
- Печурките исчистете ги, измијте ги и исечете ги на ливчиња.
- Во тава со маслото пропржете го кромидот и лукот ситно исечкани, малку колку да пуштат мирис.
- Потоа додајте ги печурките, мајоранот, мајчината душичка, солта и црниот пипер.
- Оставете ги да се пржат 10-тина минути на среден оган, додека водата што ја пуштаат печурките испари. Тргнете ги на страна и оставете ги да изладат.
- Откако ќе се изладат ставете ги во блендер и додајте ги останатите состојки, оревите, путерот, јајцето, крем сирењето и блендирајте додека се добие мазна и изедначена смеса. Пробајте и ако е потребно додајте сол по вкус.
- Добиената паштета ставете ја во соодветен сад и покриена оставете ја во фрижидер најмалку 1 час да се лади.
Предлагаме да ја послужите намачкана на леб и посипана со сечкано младо кромидче. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Здрав намаз – домашна паштета од маслинки.