Можеме да кажеме дека оваа евтина и лесна торта со јаболка е една од традиционалните, кои се многу вкусни и ги правеле и нашите баби. Па, вреди да ја сочуваме традицијата и убавите македонски рецепти.
Овој рецепт за тортата со јаболка ни го испрати Славица, а ние со задоволство го споделуваме со вас. Сезоната на јаболка само што започна и време е за најубавите десерти!

Состојки:
- 800 гр јаболка
- 3 јајца
- 130 гр шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 250 гр брашно
- рендана кора од 1 лимон
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 150 мл млеко
- 125 мл масло.
Подготовка:
- Јаболката излупете ги и исчистете ги од семките. Исечете ги на тенки листови.
- Јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер ставете ги во сад за матење. Изматете ги со миксерот додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
- Брашното, кората од лимон и прашокот за печиво ставете ги во длабока чинија. Измешајте ги со лажица, а потоа додајте ги во садот со матените јајца.
- Во садот додајте ги млекото и маслото. Смесата измешајте ја со лажица.
- Калапот или тава за печење (големина 28) премачкате ги со масло и набрашнете ги. Доколку имате хартија за печење, може да ја искористите. Во овој случај, калапот нема потреба да се премачкува со масло и да се посипува со брашно.
- Во калапот ставаете ја смесата за тортата. Наредете ги парчињата јаболка.
- Калапот ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени за време од 30 до 40 минути. Со помош на чепкалка проверете дали тортата е целосно печена.
- Печената лесна торта со јаболка извадете ја од рерната и оставете ја да се излади. Пред служење посипете ја со шеќер во прав. На здравје!
Рецептот го испратил: Славица Колева.
Ви предлагаме да прочитате: Брза торта со јаболка.