Крцкави и бели, традиционални и вкусни! Пробајте го нашиот едноставен рецепт за целувки, кои во некои краеви во Македонија се познати и како пуслици. Потребни ви се две белки, малку шеќер и една лажица лимонов сок, тоа е сѐ.
Целувките се колачи кои се прават од матени белки и шеќер. Во зависност од начинот на подготовка постојат два типа: француски и италијански целувки. Француските се припремат со шеќер, а италијанскиот начин на подготовка е покомплексен, затоа што целувките се припремат со шеќерен сируп.
Состојки:
- 2 белки
- 150 грама шеќер
- 1 лажица свежо цеден сок од лимон.
Подготовка:
- Во чист сад за матење ставете ги белките. Започнете со матење и додајте го сокот од лимон. Во текот на матењето постепено додавајте го шеќерот.
- Матете со миксерот додека добиете цврст шлаг.
- Тавата обложете ја со хартија за печење.
- Со помош на готварски шприц формирајте целувки со форма по желба. Можете да ги направите кружни или правоаголни, изборот го оставаме на вам.
- Целувките ставете ги да се печат во рерна на ниска температура од 130 степени за време од еден час. Печените целувки извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат.
- Потоа послужете ги со омиленото кафе. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Големи целувки со чоколадо.