Ако долго време нѐ следите ќе знаете дека сме големи обожаватели на едноставните и лесни рецепти. И не самo ние! Нашите автори се големи креативци во кујната, па од неколку состојки знаат да направат супер вкусни рецепти. Така и овој пат, нашата драга Катерина со само 6 состојки направи медени интегрални срца.
Овие вкусни колачиња совршено би се вклопиле на сечија трпеза, со чаша чај или кафе. Пробајте ги, нема да погрешите!

Состојки:
- 200 гр интегрално пченично брашно
- 80 гр мед
- 1 јајце
- 3 лажици масло
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- ½ ќесичка прашок за печиво.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете го јајцето и додајте го медот. Со лажица измешајте ги јајцето со медот.
- Ванилиниот шеќер, брашното и прашокот за печиво ставете ги во длабока чинија. Измешајте ги со лажица.
- Во садот со јајцето додајте ги маслото и смесата со брашно. Измешајте со лажица, а потоа продолжете со месење.
- Тестото завиткајте го во најлонска фолија и оставете го за време од 20-30 минути.
- Земете хартија за печење и исечете два еднакви правоаголни дела.
- Едниот лист ставете го на работната маса и поросете го со брашно. Потоа ставете го тестото. Врз тестото ставете го вториот лист. Со помош на сукало исучете кора со дебелина од 5 до 7 мм. Отстранете го горниот лист од тестото и со калап во форма на срце исечете ги бисквитите.
- Колачињата наредете ги во намрсен плех или тава обложена со хартија за печење. Печете ги во загреана рерна на 180 степени за време од 10 минути.
- Печените медени интегрални срца оставете ги да се изладат, а потоа послужете ги со чај или кафе. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Полнети медени чоколадни срца.