Едноставни, направени со само 4 состојки, но превкусни карамел колачиња! Супер прилика да ги направите и дегустирате со семејството и пријателите за време на празничните денови.
Овој лесен, но многу креативен рецепт ни доаѓа од кујната на Катерина. Најпрво се приготвува домашен карамел, па се додава брашното и се замесува тесто. Навистина, станува збор за ново кулинарско доживување кое треба да се вкуси.

Состојки:
- 550 г брашно
- 180 г кафеав шеќер
- 300 г путер
- 50 мл слатка павлака
- 50 г кафеав шеќер.
Подготовка:
- Во тенџере на оган ставете 1 лажица кафеав шеќер.
- Ставете го тенџерето на тивок оган. Откако шеќерот ќе се растопи ставете уште 1 лажица шеќер.
- Оставете шеќерот да се растопи без мешање. Продолжете да го топите шеќерот на ист начин без мешање. Откако ќе се растопи целиот шеќер (180 г), додајте ја зовриената слатка павлака. Мешајте да се соедини павлаката.
- Тргнете го тенџерето од огнот и постепено со мешање додавајте го путерот. Откако убаво ќе се соедини путерот оставете го карамелот да се олади.
- Брашното измешајте го со 50 г кафеав шеќер. Потоа, додајте го изладениот карамел и замесете тесто.
- Исучете го тестото во кора и оставете во фрижидер 1 час.
- Изладеното тесто оставете го малку да отстои на собна температура. Размесете го и повторно исучете го во кора со дебелина од 5 мм.
- Со калап вадете форми и редете ги во плех. По желба колачињата посипете со кафеав шеќер. Колачињата печете ги во загреана рерна на 180 степени за време од 15 минути.
- Готовите карамел колачиња оставете ги да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Посни колачиња со фил од јаболка, рум и ореви.