На сите гурмани кои сакаат да уживаат во вкусен домашен ручек, топло им препорачуваме да си направат запечени компири во сос од павлака и крем сирење. Богато јадење кое сигурно ќе ве освои уште на првиот залак. Всушност, кој може да одолее на кремасти компири кои се топат во уста и ги задоволуваат сите сетила?
Вака подготвените запечени компири во сос од павлака и крем сирење се совршени и за гости како прилог со месо, а може да се послужат и како самостоен оброк. Според нас, ова е ручек достоен и за на кралска маса. Нешто што мора да се проба!

Состојки:
- 1 ½ кг компири
- 3 лажици путер
- 250 г крем сирење
- 100 г рендан кашкавал
- 1 чаша полномасно млеко
- ½ чаша павлака
- 1 главица кромид со средна големина
- ¼ чаша сечкан магдонос по желба
- 1 лажичка мајчина душица
- сол и црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Компирите темелно измијте ги, излупете ги и исечете ги на крупни парчиња.
- Во поголем сад на средна температура, растопете го путерот.
- Во растопениот путер додајте го сечканиот кромид и динстувајте го околу 5 минути со повремено мешање се додека омекне.
- Потоа, додајте ги млекото, павлаката, солта и црниот пипер и загревајте ги се додека смесата зоврие.
- Додајте го и крем сирењето и се заедно варете околу 3 минути.
- На крај, додајте половина од ренданиот кашкавал и тргнете го садот од оган. Зачинете со мајчина душица и сечкан магдонос.
- Компирите ставете ги во претходно намрсен плех за печење и прелијте ги со подготвената смеса од сирење и млеко. Одозгора посипете ги со преостанатиот рендан кашкавал и покријте ги со алуминиумска фолија.
- Вака подготвените компири печете ги во претходно загреана рерна на 175 степени околу половина час.
- Потоа, тргнете ја фолијата и продолжете со печење се додека компирите целосно омекнат и добијат убава кора (околу 1 час).
- Откако компирите ќе се испечат, оставете ги да се изладат околу 15 минути, па посипете ги со малку сечкан магдонос по желба и послужете ги. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Запечени компири во сос од кашкавал и павлака.