Индијанки со фил од пудинг 1

Индијанки со фил од пудинг

Омилени, традиционални и превкусни! Направивме домашни индијанки со фил од пудинг! Обожаваме да креираме нови рецепти, а особено да ги преработуваме македонските традиционални јадења и десерти и да им дадеме наш „печат“. Така ја споивме традицијата и направивме нов рецепт за индијанки.

Што да ви кажеме повеќе, доволно е само да ја погледнете сликата. Но, сепак еве мал совет од нас. Од наведените состојки ќе добиете 13-15 индијанки, а бидете сигурни дека ниту една нема да остане.

Индијанки со фил од пудинг 2

Состојки:

  • 4 јајца
  • 120 грама шеќер
  • 150 грама брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 1 ќесичка ванилин шеќер.

Фил:

  • 300 мл вода
  • 150 грама шеќер
  • 1 ќесичка пудинг од ванила
  • 1 јајце
  • 4 лажици брашно
  • 300 мл вода
  • 125 грама путер или маргарин
  • 50 грама шеќер во прав
  • 1 лажица какао

Подготовка:

  1. Белките одвојте ги од жолчките и ставете ги во сад за матење. Во садот со белки, додајте го шеќерот. Матете ги со миксер за време од 5-7 минути додека добиете густ шлаг.
  2. Во друг сад за матење ставете ги жолчките и додајте го ванилиниот шеќер. Матете ги со миксер за време од 3-5 минути додека добиете густ крем.
  3. Брашното и прашокот за печиво измешајте ги со лажица.
  4. Во садот со изматените белки додајте ги жолчките и кратко измешајте ги со лажица. Потоа додајте го брашното со прашокот за печиво и повторно кратко измешајте со лажица за да се соединат состојките.
  5. Во тава обложена со хартија за печење со помош на готварски шприц или лажица ставете од смесата за индијанки. Обликувајте форми по ваша желба. Ние се одлучивме за кругови, а потребни ни беа две тави за печење.
  6. Индијанките ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 – 220 степени. Печете ги за време од 5-7 минути, додека малку поруменат.
  7. Печените индијанки оставете ги да се изладат.
  8. Во тенџере на оган ставете 300 мл вода и 150 грама шеќер да се варат.
  9. Во меѓувреме, јајцето ставете го во сад за матење. Изметете го со миксер за време од 2-3 минути. Во садот со изматеното јајце додајте ги пудингот од ванила и брашното. Кратко измешајте и додајте 300 мл вода. Повторно измешајте.
  10. Во тенџерето со шербетот, додајте ја смесата со јајцето и пудингот. Варете за време од 3-5 минути додека се добие густ крем. Кремот оставете го да се излади.
  11. Путерот изматете го со шеќерот во прав и постепено додавајте го изладениот крем од ванила. Филот изматете го со миксер додека добиете хомогена смеса. Потоа, кремот поделете го на два дела. Во едниот дел додајте го какаото и измешајте со лажица.
  12. Земете едно колаче од печените индијанки. Едната половина, со помош на готварски шприц филувајте ја со кремот од ванила, а другата половина со филот од чоколадо. Врз филот ставете друго колаче од индијанките. Повторно филувајте со кремот од ванила и чоколадо. Постапката повторете ја додека ги потрошите сите колачиња.
  13. Вака приготвените индијанки со фил од пудинг чувајте ги во фрижидер и послужете ги со декорација по ваша желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Велигденски куглоф со мармалад и суво овошје.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: