Изгледаат перфектно и многу крцкаво! Да бидеме искрени за да се направат толку добри и вкусни бисквити потребен е совршен рецепт. А баш таков рецепт за интегрални бисквити со овесни снегулки ни доаѓа од кујната на Катерина.
Бисквитите се одлични за појадок со чаша млеко, а од наведените состојки ќе добиете 15 колачиња. По желба количината на состојките може да ја зголемите, а така ќе имате бисквити и за наредниот ден.

Состојки:
- 100 г овесни снегулки
- 100 г интегрално пченично брашно
- 50 г кафеав шеќер
- 70 г ладен путер
- 3 г печиво
- 2 лажици млеко
- прстофат сол.
Подготовка:
- Во блендер ставете ги овесните снегулки. Изблендирајте ги за време од 10-20 секунди.
- Во блендерот додајте ги брашното, печивото, шеќерот и солта.
- Изблендирајте кратко колку да се измешаат состојките.
- Претурете ја сувата смеса во сад и додајте го ладниот путер исечкан на мали коцки. Измешајте ги состојките со раце.
- Откако ќе добиете ронлива смеса, додајте го млекото (додавајте го постепено, прво 1, па потоа друга лажица).
- Замесете го тестото и оставете во фрижидер да стои 20 минути.
- Меѓу 2 листа хартија за печење расучете го тестото во кора со дебелина околу 3-5мм.
- Со кружен калап вадете кругови и редете ги во плех обложен со хартија за печење.
- Бисквитите избоцкајте ги по целата површина и ставете да се печат во загреана рерна на 180 степени за време од 15 минути. Печените интегрални бисквити оставете ги кратко да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Рустични чајни бисквити од хељдино и спелтино брашно.