Ако ви е потребен сигурен и испробан рецепт за домашни тулумби кој нема да ги изневери вашите очекувања, вие сте на право место. Навистина се сочни, а вкусот е традиционален и исклучително добар.
Овој рецепт сме го правеле многу пати во нашата кујна и секогаш сме добивале тулумби кои се јадат експресно брзо. Убави се за разни фамилијарни пригоди, мали собири и разни поводи. Интересно за овој рецепт е што може да го направи секој, а што е најважно, тулумбите излегуваат без грешка!

Состојки:
- 400 гр брашно
- 650 мл вода
- 100 мл масло
- 4 јајца
- 1 ќесичка прашок за печиво
- масло за пржење по потреба.
За шербет:
- 650 мл вода
- 600 гр шеќер
- цеден сок од половина лимон.
Подготовка:
- Најпрво направете го шербетот. Водата и шеќерот ставете ги во сад на оган да зовријат и оставете шербетот да се вари за време од 15 минути. Пред да го тргните шербетот од оган, додајте го цедениот сок од лимон. Тенџерето со шербетот тргнете го од огнот и оставете го убаво да се излади.
- Додека шербетот се лади, направете ги тулумбите. Во тенџере на оган, ставете ги водата, маслото и оставете да зовријат.
- Штом течноста зоврие, тенџерето тргнете го од оган. Постепено додавајте го брашното и континуирано мешајте додека смесата убаво се изедначи. Потоа, оставете го тестото да се излади.
- Откако тестото потполно ќе се излади, додавајте ги јајцата едно по едно. При додавањето на секое јајце важно е смесата постојано и убаво да се измеша (можи и со миксер, со маталки за тесто). На крајот се додава и прашокот за печиво по што повторно убаво се меша.
- Во тенџере или подлабока тава ставете поголема колична масло да се загрее.
- Смесата ставете ја во калап или шприц за тулумби. Во добро загреаното, но не врело масло ставете ги тулумбите да се пржат додека добијат убава златеста боја.
- На крај, секоја од топлите тулумби, како што излегува од пржење, веднаш потопете ја во ладниот шербет, но не задржувајте ја долго во шербетот, туку извадете ја и оставете ја во друг сад. Постапката повторете ја со сите тулумби. На овој начин, ќе имате доволно сочни тулумби со убава форма и сјаен лик. Откако се изладат се спремни за сервирање.
На здравје!