Еднаш се прави, а се јаде преку цела зима. Прв пат оваа мешана салата за зимница ја пробавме лани, па ни се допадна рецептот и го споделуваме со вас. Особено многу ќе ви се најде штом ви се најават гости, а немате време за подготовка на мезе.
Послужете ја со чашка ракија и уживајте!

Состојки:
- 1 кг црвени пиперки (по можност ајварски)
- 1 кг моркови
- 1 кг краставички
- 1 кг карфиол
- 4 кг зелка
- 1 ќесичка црн пипер во зрно
- 500 гр шеќер
- 300 гр сол
- 700 мл масло
- 800 мл бела киселина (оцет).
Подготовка:
- Пиперките, краставичките и морковите се мијат и се сечкаат на кругови.
- Зелката се ренда. Карфиолот се сечка.
- Сите состојки се ставаат во голем сад. Се додаваат шеќерот, солта и црниот пипер. Се мешаат убаво и се оставаат за време од 24 часа.
- Потоа, се цеди течноста која ја пуштил зеленчукот и се става во посебен сад. Во него се додаваат киселината и маслото. Течноста се става на оган да зоврие. Со врелата течност се полева салата и се остава повторно за време од 24 часа.
- Готовата мешана салата се собира во чисти стерилни тегли и се затвора добро. Се чува на ладно место. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Руска салата – зимница.