Сите се слични, но и малку различни! Ваквите сендвичи будат посебно убави емоции и потсетуваат на лабаво дружење во некој „ланч бар“ со најблиските пријатели или саканите. Едноставно е да направите, па ви предлагаме да го пробате вака приготвениот клуб сендвич од тостирани лепчиња со павлака и јајце!
Висок е, па го нарековме „триспратен“, а колоритниот состав и крцкавоста на лепчињата го прават полн погодок за сечиј вкус. А, ако сте голем љубител на клуб сендвичи и сакате да погледнете и друг сличен рецепт, кликнете на линкот и прочитајте како да направите домашен клуб сендвич во комбинација со зеленчук.

Состојки:
- 3 кришки леб со правоаголна форма
- малку путер измешан со оригано за премачкување на лепчињата
- 2-4 парчиња печеница или чаден врат, зависно од големината
- 2 ленти кашкавал
- 1 варено јајце исечено на кругови
- домат исечен на кругови доволен за еден ред
- краставица исечена на кругови, исто така за еден ред
- листови зелена салата
- малку павлака за премачкување на лепчињата
- сол по вкус.
Подготовка:
- Лебчињата прво премачкајте ги со мешавина од путер и оригано, па испечете ги на тостер.
- Откако малку ќе се изладат, едно од парчињата премачкајте го со павлаката и малку посолете.
- Потоа, врз него ставете парче од зелената салата, наредете од круговите домат, ставете од печеницата или вратот, половина од јајцето исечено на кругови и лентичка кашкавал.
- Ставете го второто испечено лепче и премачкајте го со павлака, а по желба посолете со малку сол.
- Одозгора ставете листови зелена салата и распоредете кругови од краставицата. Ставете повторно од печеницата или вратот, преостанатата половина од јајцето исечено на кругови и втората лентичка кашкавал.
- На крај, ставете го одозгора и третото тостирано лепче. Декорирајте со магдонос и на здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Домашен клуб сендвич.