Ако сте љубител на колачи со лешници и нутела ви предлагаме да го пробате овој одличен рецепт. Вкусните колачиња совршено одговараат со шолја утринско кафе и добар разговор со најблиската пријателка.
Крцкави и вкусни, а што е најважно лесни се правење и секој може да ги приготви. И благодариме на Невена за одличниот рецепт и прекрасниот изглед на овие колачи со лешници и нутела, кои нѐ мамат да ги направиме и дегустираме веднаш. Па штом имаат лешници и нутела, сигурно ќе ни се допаднат, нели?

Состојки:
- 200 гр лешници
- 220 гр путер на собна температура
- 180 гр ситен шеќер
- 2 ќесички ванилин шеќер
- 2 мали јајца
- 1/2 лажиче прашак за печиво
- околу 450 гр брашно
- нутела.
Подготовка:
- Лешниците потпечете ги во тава на оган, оставете ги да се изладат, а потоа ситно сомелете ги.
- Во сад за месење ставете ги мелените лешниците, омекнатиот путер, шеќерот, ванилиниот шеќер, јајцата и прашокот за печиво. Измешајте ги убаво и во садот постепено додавајте го брашното. Месете додека се добие средно тврдо нелепливо тесто.
- Потоа на набрашнета површина, со помош на сукало развлечете кора дебела околу 4-5 мм и со калапчиња формирајте колачи. Формираните колачиња со лешници редете ги во плех обложен со хартија за печење.
- Печете ги во претходно загреана рерна на 170-180 степени околу 10-12 минути, додека благо заруменат.
- Печените колачи со лешници извадете ги од рерната и оставете ги да оладат, а потоа лепете ги со нутела.
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска