Сликата кажува сѐ, нели? Сочна, кремаста торта со банани и чоколаден крем, приготвена од вредните раце на Невена. Повеќе пати сме напишале дека Невена е многу талентирана и креативна, а тоа повторно се докажа на дело.
Таа за овој рецепт вели: „Едноставна за подготовка, лесна, брза кремаста торта направена од состојки што ми се најдоа дома. Со додавањето на медот и ванилата во филот, филот доби преубав мирис и вкус“. Ајде да ја пробаме!

Состојки:
- 3 јајца
- 90 гр шеќер
- 4 лажици масло
- 90 гр брашно
- 1 лажиче прашак за печиво.
Фил:
- 500 мл млеко
- 120 гр шеќер
- 1 ванилен шеќер
- 70 гр нишесте (густин)
- 20 гр брашно
- 1 полна лажица мед
- 1 лажиче ванила екстракт
- 130 гр путер на собна температура.
Други состојки:
- 2 банани
- 3-4 лажици чоколаден крем
- 1-2 лажици чоколадо во прав за декорација
- 1 филџанче млеко за прскање на пандишпанот.
Подготовка:
- Најпрво подгответе го филот.
- Нишестето, брашното, ванилиниот шеќер и половина од шеќерот ставете во длабок сад. Измешајте со лажица за да се добие хомогена смеса. Во садот додајте малку од млекото и добро измешајте, за да добиете течна смеса.
- Останатото млеко и шеќерот, ставете ги во тенџере на оган да се варат. Откако ќе зовријат додајте ја растворената смеса. Температурата намалете ја и мешајте со жица, додека филот се згусти.
- Тенџерето трнете го од огнот и веднаш додајте ги медот и екстрактот од ванила. Убаво измешајте ги да се спојат. Тенџерето покријте го со најлонска фолија и оставете го филот да се излади.
- Во меѓувреме подгответе го пандишпанот. Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Изматете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
- Во садот додајте го маслото и кратко изматете ги.
- Брашното и печивото измешајте ги, потоа постепено (на 2-3 пати) додавајте во садот со изматените јајца. Притоа мешајте со шпатула или лажица за да се добие хомогена смеса.
- Смесата ставете ја во тава за печење бр.26, претходно намачкана со путер и посипана со брашно.
- Печете во претходно загреана рерна на 200 степени за време од 13-15 минути.
- Печениот пандишпан оставете го да се излади.
- Изладениот пудинг изматете го со миксер. Важно е да ја примените оваа постапка, за да се спои филот и да нема грутчиња.
- Изматете го путерот и постепено додавајте од пудингот. Помеѓу секое додавање на пудинг, матете подолго за филот да биде помазен.
- Пандишпанот ставете го на подлога за торта, превртен со долната страна нагоре. Попрскајте го со млекото и намачкајте го со чоколадниот крем.
- За полесно да се размачкува, чоколадниот крем може малку да ја затоплите.
- Одозгора ставете ги бананите исечени на кругови со дебелина од 4-5 мм. Над бананите ставете го целиот фил и израмнете го. Одозгора направете шари со виљушка и посипете ја со чоколадо во прав.
- Пред служење, тортата чувајте ја во фрижидер да се спојат вкусовите. Изладената кремаста торта со банани исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате:Непечена кремаста торта со бисквити.