Сочно и неодоливо вкусно за сечиј вкус! Капини, пудинг од шумско овошје и чоколадо споедни во слато задоволство. Клара и овај пат ни предлага екстра рецепт за кремаст колач со капинки, пудинг од шумско овошје и чоколадо.
Секој би посакал да проба парче од овој колач, па штом имате малку слободно време, направете го.

Состојки:
- 5 јајца
- 160 гр шеќер
- 170 гр стопен путер или маргарин
- 200 гр брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 700 мл млеко
- 1 ќесичка прашок за пудинг од шумско овошје (или замена малина)
- 1 ќесичка прашок за пудинг од чоколадо
- 6 лажици шеќер
- 350 гр капинки
- 1 ќесичка ванилин шеќер.
Подготовка:
- Во тенџере на оган се ставаат 350 мл млеко да се варат на умерена температура. Прашокот за пудинг од шумско овошје се става во чинија заедно со 3 лажици шеќер. Се меша и се додава малку млеко за да се добие хомогена смеса. Во зовриеното млеко се става разматениот пудинг и се меша со лажица за време од 1 до 2 минути. Штом пудингот се згусти, тенџерето се трга од оган.
- Во друго тенџере се ставаат 350 мл млеко да се варат. Прашокот за пудинг од чоколадо се става во чинија заедно со 3 лажици шеќер. Се меша и се додава малку млеко за да се добие хомогена смеса. Во зовриеното млеко се става разматениот пудинг и се меша со лажица за време од 1 до 2 минути. Штом пудингот се згусти, тенџерето се трга од оган.
- Во сад за матење се ставаат 4 јајца. Во садот се додава шеќерот и се матат со миксер додека се добие посакуваната густина.
- Прашокот за печиво се меша со брашното.
- Во садот со изматените јајца се додаваат растопениот путер и брашното помешано со прашокот за печиво. Смесата за колачот се меша со лажица за да се соединат состојките. Половина од смесата се става во намрсен огноотпорен сад.
- Врз смесата се ставаат капинките и се попрскуваат со ванилиниот шеќер. Над нив се става пудингот од шумско овошје, а потоа и пудингот од чоколадото.
- Во сад за матење се става едно јајце и една лажица шеќер. Се мати со миксер и се додава во втората половина од смесата за колач. Смесата се меша со лажица се нанесува врз пудингот од чоколадо.
- Колачот се става во загреана рерна на 180 степени да се печи за време до 30 до 40 минути. Печениот колач со капинки, се вади од рерната и се остава да се излади. Потоа се сечи на коцки и се декорира со шеќер во прав и неколку капинки. По желба можете да декорирате и со шлаг пена. На здравје!
Рецептот го испратил: Клара Бос.
Ви предлагаме да прочитате: Лисната овошна пита со капинки и бело вино.