медени срца со портокал

Медени срца со портокал

Овие медени срца со портокал се многу вкусни, сочни и се топат во устата. Рецептот го креиравме во нашата кујна, за дружење со пријателите со шолја топло кафе. А на вас, ви преостанува да ги направите, вкусите и да ни пишете во коментар како ви се допаднале. 

Идеалната комбинација од мед, ванила и портокал им дава свеж вкус на медените колачи. Лесно може да ги направите, а не треба да имате големо кулинарско искуство. Може да ги направите во различни форми, а доколку ги направите во форма на срце, спакувајте ги убаво и подарете му на ваша блиска личност.

медени срца со портокал

Состојки:

  • 3 јајца
  • 150 грама шеќер
  • 3 лажици мед
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 1 мала лажичка сода бикарбона
  • 600 грама брашно
  • 100 мл масло
  • 1 кора од портокал
  • свеж сок од ½ портокал
  • 100 мл млака вода.

Подготовка:

  1. Брашното пресејте го.
  2. Во длабок сад за месење ставете го брашното, шеќерот, ванилиниот шеќер и сода бикарбоната. Измешајте ги состојките.
  3. Потоа во садот додајте ги јајцата, медот, маслото, кората од портокал, сокот од портокал и замесете тесто. По потреба во садот додајте млака вода за да се добие средно меко тесто. Тестото измесете го за време од 5 до 10 минути, а потоа оставете го за време од 5 минути да одмори.
  4. Од тестото, со сукало развлечете кора со дебелина од 7 до 9 мм. Потоа, од кората со калап исечете форми по желба, како срца, детелини или по ваша желба.
  5. Срцата наредете ги во тава, претходно обложена со хартија за печење. Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 10 до 15 минути, додека колачите добијат светло румена боја. Печените медени срца со портокал оставете ги да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Полнети медени чоколадни срца.

Сподели: