Мали, слатки и неодоливо симпатични! Направете мини баклави со различни форми и пет вкусни филови, и израдувајте ги вашите најблиски со вистинско слатко уживање за сите сетила. Баклави за сечиј вкус, кои мамат да ги пробате сите!
Совршени за било кој повод, па и без повод. Вкусни се долго време, па со секој изминат ден тие се сѐ послатки, но ние ви гарантираме дека кога еднаш ќе ги пробате нема да може да се воздржите да не ги изедете сите. Овој фантастичен рецепт го најдовме на блогот на нашата пријателка Лана, што е уште еден доказ плус за совршеноста на овие мини баклави.

Состојки:
- 500 г кори за баклава
- неколку лажички лебни трошки
- масло за премачкување на корите
- шеќер по потреба
- цимет по вкус
Фил 1:
- 1 чаша рендани јаболка
- 1-2 лажици шеќер
- цимет по вкус.
Фил 2:
- 1 чаша суви сливи
- 1 лажица рум
- мелени ореви по желба.
Фил 3:
- 1 чаша мелени ореви
- ½ чаша шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- рендана кора од лимон и портокал
Фил 4:
- 1 чаша сечкани лешници
- 1 рендано чоколадо
- рендана кора од портокал
Фил 5:
- 1 чаша сечкани ореви, бадеми и лешници.
За шербет:
- 1 кг шеќер
- 800 мл вода
- сок од еден лимон
- парчиња ломон по желба.
Подготовка:
- Најпрво подгответе го шербетот. Ставете го шеќерот во длабок сад и прелијте го со водата. Садот ставете го на оган. Откако шербетот ќе зоврие, намалете ја температурата и варете го на тивко околу 15 минути. На крај додајте сок и неколку парчиња сечкан лимон. Шербетот тргнете го од оган и оставете го да се излади.
- Во меѓувреме подгответе ги различните филови за баклава.
- Фил 1. Ренданите јаболка кратко динстувајте на малку масло додека омекнат. Може да ги засладите со 1 – 2 лажици шеќер и малку цимет по вкус. Филот оставете го да се излади.
- Фил 2. Сувите сливи прелијте ги со 1 лажица рум и оставете ги кратко да стојат додека го впијат. Потоа, ситно исечкајте ги или изблендирајте ги. По желба додајте мелени или сечкани ореви.
- Фил 3. Мелените ореви помешајте ги со ½ чаша шеќер. По желба додајте и малку ванилин шеќер и рендана кора од лимон и портокал.
- Фил 4. Мелените печени лешници измешајте ги со ренданото чоколадо и кора од портокал.
- Фил 5. Во сад измешајте ситно сечкани ореви, лешници и бадеми.
- Баклава во форма на ролнички. Земете две кори и попрскајте ги или премачкајте ги со четка со малку масло. Ставете ги корите една врз друга. На крајот од корите ставете малку лебни трошки и распоредете од филот со јаболка. Вака филуваната кора завиткајте ја во форма на ролат и ставете ја во плех за печење. Ролатот исечете го на мали парчиња со должина од 5 до 6 см и премачкајте го со малку масло пред печење. Може да направите повеќе ролати во зависност од количината на фил.
- Тригони. Земете една кора и попрскајте ја или премачкајте ја со масло, па исечете ја на 4 ленти. Доколку лентите се многу долги, пресечете ги на половина. Секоја лента преклопете ја по должина, а на едниот крај ставете 1 лажица фил од сливи или некој друг фил по желба. На крај, преклопете ја кората неколку пати, така што ќе добиете триаголник. Повторувајте ја постапката додека го потрошите филот.
- Блакава во форма на полжавчиња. Одвојте 4 кори и секоја премачкајте ја со масло. Ставете 2 кори една врз друга и посипете ги со мешавина од мелени ореви, лешници и шеќер преку целата површина. Врз нив ставете уште две кори и повторно поросете ги со лешници или ореви. Потоа се добро и цврсто завиткајте во ролат и исечете го на мали парчиња со големина од 2 до 3 см. Парчињата баклава наредете ги на плехот за печење со пресечената страна на горе.
- Баклава во форма на корпички. Исечете 2 до 3 кори на мали квадрати и премачкајте ги со масло. По желба, со помош на калап може да ги исечете и кругови. Потоа, во калап за мафини ставете по 3 до 4 крукчиња или ливчиња и притиснете со прстите да се формира корпичка, т.е вдлабнатина во која ќе го ставите филот. Наполнете ги со сечкани ореви, бадеми, лешници или со некој друг фил. Овие баклави се печат пократко од останатите, па штом кратко заруменат извадете ги од рерна. Прелијте ги со ладниот шербет додека баклавата е во калапите.
- Баклава во форма на коцки. Во мал сад наизменично редете ред кори и фил. Ставете 2 – 3 кори, секоја попрскајте ја со малку масло, па потоа распоредете дел од филот. Оваа постапка повторете ја 3 до 4 пати. Пред печење, баклавата исечете ја на мали коцки или ромбоиди кои ќе ги премачкате со малку масло.
- Вака подготвените баклави печете ги околу 30 минути во претходно загреана рерна на 200 степени додека малку заруменат. Жешката баклава прелијте ја со ладен шербет. Шербетот додавајте го постепено, почекајте да се впие, па повторно прелијте ја баклавата. Баклавите може да се служат веднаш, но се многу повкусни наредниот ден, откако добро ќе го впијат шербетот. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Баклава со лешници и чоколадо.