Убавината е во едноставните нешта! Доказ за тоа е овој десерт за кој се потребни само 3 состојки. Рецептот го подготви Ана, а ние со задоволство го споделуваме со вас. Направете мус со цреши кој е идеално лесно освежување на овие горештини!
Таа вели: „Подготовката на овој рецепт за мус со цреши е многу едноставна и верувам дека секој може да го направи без грешка. По желба може да се направи и со друго овошје како јагоди, вишни, боровинки, малинки или капинки.“

Црешите нѐ само што се омилено овошје на повеќето од нас, тие исто така изобилуваат со голем број на состојки кои позитивно влијаат на нашето здравје. Богати се со растителни влакна, а имаат мала калориска вредност. Цијанидинот кој што го има во нив ги намалува слободните штетни радикали во телото, а со тоа влијае на превенирање на појавата и борбата против канцерот. Црешите се богати со фитохемикалии кои што се познати дека ги инхибираат ензимите кои што може да предизвикаат воспаленија во организмот. Доволен број на причини за да го направите овај освежителен десерт што поскоро!
Состојки:
- 250 г цреши
- 230 г слатка павлака
- 80 г шеќер.
Подготовка:
- Црешите и шеќерот ставете ги во блендер и изблендирајте ги и ставете ги во посебен сад.
- Во друг сад измиксирајте слатката павлака во цврст „снег“.
- Половина од смесата со цреши додајте ја во слатката павлака и измешајте со дрвена лажица.
- Преостанатата смеса ставете ја во избраните чаши за сервирање.
- Од кремастата смеса со слатка павлака и блендирани цреши, ставете во чашите без притискање.
- Чашите ставете ги да се изладат во фрижидер за време од 30-60 минути. Послужете го мусот и уживајте во совршениот вкус. На здравје!
Автор на рецепт: Ана Крстаноска (ana_kitchen_corner).
Ви препорачуваме да прочитате: Сочни мафини со цреши.