Мушмулата потекнува од југозападна Азија и југоисточна Европа, а во Германија први ја донеле Римјаните, кои меѓу првите ги откриле нејзините благодети многу одамна, а постојат записи уште пред 2000 години п.н.е. за ова невообичаено овошје. Латинскиот назив за мушмула е Mespilus germanica што во превод значи германска мушмула. Во 1990 година во Северна Америка е откриена и Стернова мушмула, позната како Mespilus canescens.
Оваа култура е значајна по тоа што може да опстои во релативно неповолни услови затоа што е отпорна на ниски температури, болести и штетници. Мушмулата својата популарноста ја добила во средниот век, кога Шекспир, Чосер и други автори често ја употребувале како симбол за проституција – како овошје кое гние пред да созрее и за да биде спремно за јадење.
Хранлива вредност на мушмула
Мушмулата е ниско калорично овошје кое има само 42 калории во 100 грама, со што се задоволуваат само 2% од дневните потреби на организмот. Во својот состав содржи вода, јагленохидрати, мала количина на масти, протеини и задоволителна количина на растителни влакна, кои ја помагаат работата на цревата, овозможуваат правилно варење на храната и штитат од запек.
Од витамините во мушмулата застапени се Ц, А, Е, К, како и витамините од групата Б, а особено е значајно присуството на витамините Б3 (ниацин), Б5 (пантотенска киселина) и Б9 (фолна киселина).
Од минералните материи во најголеми количини застапени се:
- калиум
- магнезиум
- калциум
- фосфор
- натриум
Исто така, во помали количини мушмулите содржат цинк, бакар, железо, јод, манган и селен.
Кога мушмулите се погодни за консумација?
Кога ќе се оберат, а тоа обично се препорачува да биде дури кога лисјата ќе почнат да паѓаат, па и по првите мразеви, мушмулите се тврди и им треба неколку недели да созреат. Внатрешноста на плодот тогаш станува мека, сочна, киселкаста и кремаста. За да созреат побрзо, мушмулите се чуваат во слама, во просторија со добра вентилација. За да траат подолг временски период, може да ги чувате во фрижидер.