Веќе е сезона на јагодите, па еве еден убав предлог за пролетен десерт кој веруваме дека ќе ве освои. Вкусните наполеон колачи со лиснато тесто и јагоди се елегантни и супер сочни, па сигурно ќе ги импресионираат вашите пријатели и семејство. Слоеви лиснато тесто, вкусен ванила крем и свежи исечени јагоди, наросени со шеќер во прав е она што го прави овој десерт фантастичен!
Готовото замрзнато лиснато тесто е еден од најдобрите начини да се „покажете“ како добар готвач и домаќин, без да ви бидат потребни готвачки вештини. Исто така, јадењата со лиснато тесто се прават релативно брзо, се супер воздушести и меки. Затоа, ви предлагаме да го пробате овој рецепт за наполеон колачи со лиснато тесто и јагоди, кои имаат неверојатен вкус и одличен изглед.

Состојки:
- 500 г замрзнато лиснато тесто
- 1 ќесичка крем пудинг со вкус на ванила без варење од Витаминка
- 1 ќесичка шлаг пена од Витаминка
- 400 мл млеко
- 50-100 г шеќер во прав
- 1 ќесичка желатин
- 50 мл вода
- 300 г јагоди
- 50 г Синтагма какао крем за торти (чоколадо за готвење) за декорација по желба.
Подготовка:
- Замрзнатото лиснато тесто извадете го од замрзнувачот и оставете го на собна температура 15 до 20 минути. Потоа исечете го на 12 еднакви квадрати.
- Наредете ги парчињата лиснато тесто во тава обложена со хартија за печење и ставете ги во загреана рерна на 200 °C. Печете го лиснатото тесто 10 до 15 минути додека порумени.
- Извадете го тестото од рерната и оставете го да се излади.
- Во сад за матење ставете го крем пудингот од ванила и додајте 300 мл млеко. Изматете со миксер за време од 3-4 минути додека се добие густ крем.
- Во друг сад за матење ставете ја шлаг пената и додајте 100 мл млеко. Изматете со миксер за време од 3-5 минути додека се добие густ шлаг. Во садот со крем пудингот додајте ја шлаг пената и изматете кратко за да се соединат состојките. По желба додајте шеќер во прав.
- Во чаша или друг сад ставете го желатинот и додајте 50 мл вода. Измешајте и оставете го да набабри за време од 3 минути. Желатинот растопете го на оган или во микробранова печка, притоа внимавајте да не зоврие.
- Во садот со пудингот додајте го желатинот и изматете со миксер околу минута до две. Филот оставете го 10-20 минути.
- Коцките од лиснато тесто пресечете ги на половина (хоризонтално). Треба да добиете 24 парчиња.
- Со готварски шприц ставете малку фил врз еден слој лиснато тесто. Потоа наредете неколку парчиња сечкани јагоди и додајте уште малку фил. Ставете друг слој од лиснато тесто, филувајте и додајте јагоди. На крај ставете уште еден слој лиснато тесто. Нанесете уште малку фил и додајте јагоди сечени на половина. Потребни се 3 квадрати од лиснато тесто за да се состави еден наполеон колач.
- Чоколадото растопете го на пареа. Колачите декорирајте ги со растопено чоколадо по желба и шеќер во прав. Уживајте во светот на вкусовите!
Ви препорачуваме да прочитате: Индијанки со фил од пудинг.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.