шеф салата

Најдобриот рецепт за шеф салата

Популарна ширум светот, дел на мениата на рестораните, познатата шеф салата е омилена на многумина! Ја приготвивме во нашата кујна, па рецептот го споделуваме со сите. Брза и едноставна, идеална за сечиј вкус!

Ајде да ве запознаеме подетално со шеф салатата. Потекнува од Америка и традиционално се приготвува со варени јајца, месо – шунка, мисиркино, пилешко или печено телешко месо, домати, краставици и сирење, сите сервирани врз марула или друг зелен лиснат зеленчук. Уживајте низ фотографиите и во прва прилика пробајте ја шеф салатата од кујната на Марија Кочовска. 

рецепт за шеф салата

Состојки:

  • 1 марула
  • 4 јајца
  • 2 краставици
  • 4 домати 
  • 200 г шункова салама
  • 200 г кашкавал 
  • 4 парчиња леб
  • 6 лажици маслиново масло
  • оригано, морска сол и мелен црн бибер.

За сос (дресинг):

  • 4 лажици кисела павлака
  • 2 лажици мајонез
  • 2 лажици кечап
  • 2 лажици маслиново масло
  • 1 лажица свежо цеден сок од лимон
  • оригано, морска сол и мелен црн бибер

Подготовка: 

  1. Јајцата ставете ги да се варат. 
  2. Парчињата леб премачкајте ги со маслиново масло, поросете ги со морска сол и зачинете ги со оригано. Испечете ги во тостер или во рерна. Печените лепчиња оставете ги да изладат, а потоа исечете ги на коцки. 
  3. Марулата измијте ја и исечкајте ја. Краставиците исечете ги на кругови. Доматите пресечете ги на половина, а потоа исечкајте ги на ленти. 
  4. Саламата и кашкавалот исечкајте ги на коцки со големина 7*7 мм. 
  5. Варените јајца излупете ги и исечете ги на половина. 
  6. Во 4 чинии ставете ја марулката, а врз неа распоредете ги краставиците, шунката, кашкавалот, доматите, јајцата и печените коцки од леб. 
  7. Во мал длабок сад ставете ги павлаката, мајонезеот, кечапот, маслиновото масло и сокот од лимон. Измешајте ги и зачинете ги со оригано, сол и мелен црн пипер по вкус. 
  8. Готовата шеф салата послужете ја со сосот. Уживајте во светот на вкусовите!

Препорака од авторот: 

„Оброк салатите ми се омилени, па често се дел од нашата трпеза за ручек или вечера. Брзи се и едноставни за подготовка и добредојдени во секој момент. Шеф салатата ја имав дегустирано во ресторан и ми се допадна. Тоа ми беше мотивација за да го креирам, фотографирам и споделам овој рецепт со вас. Сега највкусната шеф салата ќе може да ја приготвите во својот дом. Пригответе ја штом имате прилика, пишете ми како ви се допаднала, тагирајте ме на Instagram или објавете ја во групата на Сѐ за храна. Сигурна сум дека тоа ќе биде еден од вашите омилени рецепти.“ – вели Марија.  

За сите прашања околу подготовката пишете и на Марија Кочовска (следете ја Facebook и Instagram) од нашиот тим која ја направи, фотографира и нѐ почести со овој прекрасен рецепт за шеф салата.

шеф салата

Ви препорачуваме да прочитате: Пролетна салата со јајце и бел прелив.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: