непечена чоколадна салама

Непечена торта со бисквити – бела чоколадна салама

Тортите со бисквити се едни од најлесните за подготовка, но и омилени на повеќето. Идеални се за во лето или зима, кога сакате да се заблажите со нешто домашно и вкусно. Од кујната на Невена ни доаѓа рецепт за непечена торта со бисквити, позната како бела чоколадна салама.

Смесата за тортата е едноставна, а добро е што од истата може да се формираат бомбици, различни форми и калапи. Направена е со бисквити, бело чоколадо и брусница, за совршен вкус!

чоколадна салама

Состојки:

  • 150 гр кршени бисквити
  • 150 гр мелени бисквити
  • 150 гр бело чоколадо
  • 150 гр путер
  • 100 мл млеко
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 70 гр сушена брусница
  • шеќер во прав за декорација.

Подготовка:

  1. Во сад над пареа ставете ги чоколадото искршено на коцки, путерот исечен на коцки, млекото и ванилата. Оставете ги да се стопат и мешајте да се изедначат.
  2. Потоа садот тргнете го на страна и додајте ги бисквитите и брусницата. Убаво измешајте ја смесата. Оставете ја во фрижидер за време од 20-на минути малку да подолади и стегне за подобро да се обликува тортата – саламата.
  3. Смесата извадете ја од фрижидер и нанесете ја на хартија за печење. Со помош на хартијата завиткајте ја и валајте да се добие што е можно повеќе кружна форма. Краевите прицврстете ги како бомбона.
  4. Саламата со бисквити оставете ја во фрижидер да се стегне неколку часа, а најдобро преку ноќ.
  5. Пред сечење, белата чоколадна салама извадете ја од хартијата и извалкајте ја во шеќер во прав.
  6. Од смесата исто така можат да се наполнат и калапи, да се прават бомбици или во форма на бајадера, а по желба да се декорира и со растопено чоколадо. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате: Непечена кремаста торта со бисквити.

Сподели: