Изгледа фантастично вкусна, па вреди да се направи во првата прилика. Ваква овошна торта со фил од мандарини немаме пробано! Рецептот за оваа едноставна, лесна и многу вкусна торта ни доаѓа од кујната на Невена.
Овој период мандарините ги имаме во изобилство и по пристапни цени, па ако имате малку слободно време, засладете го семејството со овошна торта. Најважно од се е тоа што најголемиот дел од состојките ги имате во кујната. Ајде да ја пробаме!
Состојки:
Пандишпан:
- 3 јајца
- 90 гр шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 50 гр путер
- 100 гр брашно
- 1 полно лажиче прашак за печиво
- изрендана кора од 2 мандарини.
Фил:
- 600 гр излупени мандарини
- 8 полни лажици шеќер
- 1 пудинг од ванила
- 1 лажица нишестe (густин).
За декорација:
- 80 – 100 гр чоколада за готвење
- 3-4 лажици масло.
Подготовка:
- Путерот растопете го и оставете го да се излади.
- Во сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилата. Матете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се добие светла, кремаста смеса. Намалете ја брзината на миксерот и додајте го путерот, а потоа брашното измешано со печивото и кората од мандарини.
- Смесата истурете ја во тава за печење (26) намачкана со путер и посипана со брашно.
- Ставете ја да се пече во загреана рерна на 180 степени за време од 15 до 20 минути.
- Печениот пандишпан оставете го да се излади.
- Во меѓувреме подготовете го филот. Мандарините исчистете ги од белите жилички и од семките. Ставете ги во блендер и миксирајте ги за да се добие кашеста смеса.
- Во дел од смесата растворете го пудингот и нишестето со 4 лажици шеќер. Другиот дел од смесата со мандарини и шеќерот оставете ги да зовријат па додајте го пудингот. Варете го 2-3 минути да се згусти и прелијте го пандишпанот. Оставете го да олади.
- Откако ќе олади и стегне филот, на пареа стопете го чоколадото со маслото. Растопеното чоколадо прелијте го над филот и оставете го да се стегне. Најдобро е овошната торта со мандарини да ја послужите откако ќе постои неколку часа за да се спојат вкусовите.
Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.
Ви предлагаме да прочитате: Брза посна торта со кокос и портокал.