Мојата кујна е како ризница на кулинарски идеи. Уживам кога готвам, а посебно ми е интересно и сакам да смислувам рецепти кои се брзи, лесни и не бараат многу труд. Во зимскиот период, голем број од нас имаат куќни слави, па верувам дека овој испробан рецепт за посен мазник од готови кори и тоа како ќе ви биде корисен. – вели Катерина Шамбевска Спасеновска, фуд блогер и уредник на нашиот сајт.
Пробајте го, за кратко време ќе имате вкусна радост на трпезата. Да уживаме во светот на вкусовите пријатели! – додава Катерина.

Состојки:
- 1 пакување посни готови кори
Смеса за попрскување:
- 1 коцка свеж квасец
- 200-250 мл млака вода
- ½ чаша брашно
- малку сол (количина еднаква на рамно мало лажиче)
- малку шеќер (количина еднаква на рамно мало лажиче).
Дополнително и за фил:
- масло по потреба на секоја кора
- околу 400 грама или по потреба чистен спанаќ
- сусам по потреба.

Подготовка:
- Најпрво се припрема смесата за попрскување. Во поголем сад се ставаат квасецот со млаката вода, солта и шеќерот. Се остава околу 10-15 минути на собна температура да нарасне.
- Во меѓувреме, исчистете го, измијте го и исечкајте го спанаќот. Сечкајте го на средно крупни парчиња, без претерано притискање за да ја зачува својата свежина и сочност.
- Припремете го плехот или тавата во која ќе ги печете, така што ќе го обложите со хартија за печење.
- На работна маса се припремете ги корите. Внимателно отворете ги за да не се искршат.
- Прво се зема една кора, се раширува и се попрскува со масло по целата површина.
- Врз неа се става уште една кора и исто така се попрскува со маслото по целата површина.
- Потоа, со помош на лажиче, површината на горната кора се попрскува со смесата со квасецот и водата.
- На крај, по целата должина се нанесува од сечканиот спанаќ и со помош на двете раце, се превртува крајот на кората и се витка во ролна. Количината која се става на една кора, препорачливо е да биде барем колку еден грст, а по желба и повеќе. Во овој чекор треба да внимавате да не ја притиснете кората премногу и да оставите доволно „празен простор“ во неа, за да може убаво да се испечи и да има добар изглед.
- Постапката се повторува со сите кори, додека се потрошат.
- Кога тавата/плехот е полн, со помош на кујнска четка, готовите ролни се премачкуваат со тенок слој на масло и се посипуваат со сусам по желба.
- Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, за време од 20-30 минути, или додека мазникот добие убава црвенкаста боја. На здравје!

Препорака од авторот:
За повеќе испробани рецепти разгледајте ги моите профили каде објавувам рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:
- Instagram:@katerina.shambevska
- Facebook: Katerina Sambevska Spasenovska.
Автор на рецептите и фотографиите: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Крцкави зачинети прстени од похуван кромид.