Печени посни крокети од леќа и овесни снегулки

Печени посни крокети од леќа и овесни снегулки

Здрави, вкусни и симпатични! Токму вака можеме да ги опишеме печените посни крокети од леќа и овесни снегулки.

Идејата ни доаѓа од нашата пријателка Диана, која рецептот го сподели на нејзиниот блог Trydiani. Мора да признаеме дека изгледаат многу убаво, па уште во првата прилика ќе ги пробаме. Послужени со чили сос или салата се супер предлог за посен оброк или мезе.

посни крокети од леќа

Состојки:

  • 200 грама црвена леќа
  • ½ главица црвен кромид
  • 1 морков
  • 1 чешне лук
  • 1 лажица доматно пире
  • ½ – 1 чаша ситни овесни снегулки
  • 1 мала лажица црвена пипер
  • прстофат лута црвена пипер
  • 1 лажица сушени зеленчуци за супа или мелен зачин
  • 1 лажица масло
  • сол, црн пипер и кимион по вкус (по желба може да се додаде и друг зачин како коријандер и синап)
  • 1 чаша лебни трошки од интегрален леб за панирање
  • сол и црн пипер по вкус за панирање
  • 1-2 лажици масло.

Подготовка:

  1. Кромидот и лукот ситно се сечкаат.
  2. Морковот се ренда на ситната страна од рендето.
  3. Во тава на оган, на умерена температура се става маслото да се загрее. Во загреаното масло се додаваат ситно сечканиот кромид и морковот. Се запржуваат кратко време. По желба, може да се додаде малку зеленчуков бујон.
  4. Леќата се накиснува со ладна вода за време од 20 минути. Потоа се мие, цеди и се става во тенџере. Во тенџерето се додаваат 500 мл вода и 1 лажица сушени зеленчуци. Се остава леќата да се вари согласно со упатството наведено на пакувањето.
  5. Варената леќа се остава да се излади кратко време, а потоа се цеди и става во длабок сад.
  6. Во садот се додава ситно сечканиот лук, пирето од домати, црвената пипер, сол, кимион и црн пипер по вкус. Смесата се пасира со кујнски блендер. Потоа во садот со леќата се додаваат мали овесни снегулки ½-1 чаша, во зависност од влажноста на леќата. Смесата се меша и се остава да се излади во фрижидер за време од 30 минути или повеќе.
  7. Рерната се загрева на 190-200 степени.
  8. Тавата се покрива со хартија за печење.
  9. Во плитка чинија се ставаат лебните трошки и се посолуваат и зачинуваат со мелен црн пипер.
  10. Од изладената смеса со помош на навлажнети раце се формираат крокети и ќофтиња.
  11. Крокетите се валаат во садот со лебните трошки и се редат во тавата за печење. Се попрскуваат со масло и се печат за време од 15-20 минути, според големината. Се сервираат додека се топли со пикантен чили сос или салата. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Посни ќофтиња од компири и ориз.

Сподели: