Имаме нов, супер вкусен рецепт за полнети крофни со чоколаден крем. А она што е интересно е дека тестото се приготвува со пире од тиква и сок од јаболко, што ги прави овие крофни идеални за есенско – зимскиот период.
Совршено изгледаат нели? Веруваме дека ќе им се допаднат на сите, па моравме да го споделиме рецептот со вас. Истиот е испробан во кујната на Диана, што е мотив да се направи и дегустира. Пробајте и ги уживајте во есенските ноти дополнети со чоколаден крем.

Состојки:
- 3 чаши брашно + малку за формирање на крофните
- 1 ¼ мала лажичка сув квасец
- ¼ чаша кафеав шеќер
- ¾ чаша сок од јаболко
- 1 јајце
- ¼ мала лажичка сол
- ¼ чаша кисела павлака/ густо кисело млеко
- прстофат сода бикарбона
- 2 лажици растопен путер или масло
- ½ чаша густо пире од тиква
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 мала лажичка цимет.
За фил:
- 24 мали лажички (околу 240 грама) чоколаден крем.
Дополнително:
- масло за пржење
- ½ до 1 чаша шеќер во прав
- 1 мала лажичка ванилин шеќер или цимет.
Подготовка:
- Во поголем сад се ставаат квасецот, кафеавиот шеќер и затоплениот сок од јаболко. Се мешаат и се остава квасецот да нарасне.
- Потоа во садот се додаваат јајцето, солта, павлаката измешана со содата бикарбона, растопениот путер, циметот, ванилата, 2 – 2 ½ чаши брашно и се замесува тесто. Најдобро е да се користи кујнски миксер, но може и со раце да се измеси тестото. За време на месењето се додава преостанатото брашно за да се добие меко тесто.
- Тестото се формира во топка и се остава на топло место да нарасне, додека двојно го зголеми волуменот за време од 1 до 1 ½ час.
- Во меѓувреме се приготвува чоколадниот крем. Врз хартија за печење се става по 1 мала лажичка чоколаден крем од типот на Луна крем, Чокола, Алми, Нутела и слично. Може да користите бел и чоколаден крем. Хартијата со кремот се става во фрижидер за замрзнување, за да не истече кремот за време на пржењето.
- Нараснатото тесто се дели на два дела. Од секој дел, врз набрашнета работна површина се сучи кора со дебелина од 4-5мм.
- Врз првата кора, рамномерно се става замрзнатиот чоколаден крем. Од горе се покрива со втората исучена кора и нежно се притиска. Со набрашнет калап или чаша се сечат кружни форми околу чоколадниот полнеж.
- Вака формираните крофни се пржат во врело масло за време од 2 до 3 минути од двете страни. Заруменетите крофни се вадат со перфорирана лажица и се ставаат врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
- Додека се топли се валаат во шеќер во прав измешан со цимет или ванилин шеќер. Се сервираат веднаш. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Печени крофни со јаболка и цимет.