посна баклава

Посна баклава со ф’стаци

Не знаете каков посен десерт да подготвите? Нашата пријателка Елизабета ни сподели одличен рецепт за претстојните празници. Посна баклава со ф’стаци која ќе ја краси празничната трпеза.

Баклавата е задолжителен дел на славските трпези, па речиси ниту една слава не може да помине без овој сладок десерт. Затоа, ви предлагаме да го испробате овај рецепт за посна баклава со ф’стаци. Совршено посно задоволство што се топи во уста!

посна баклава со ф'стаци

Состојки:

  • 500 г кори за баклава
  • 300 г растопен маргарин
  • 400 г мелени ф’стаци.

За шербет:

  • 600 г шеќер
  • 450 мл вода
  • сок од половина лимон.

Подготовка:

  1. Најпрво подготвeте го шербетот. Во сад на оган ставете ги водата и шеќерот. Оставете да зоврие, а потоа намалете ја температурата и варете уште 7-10 минути. Пред крајот додајте го сокот од лимон. Садот тргнете го од оган.
  2. Земете една кора и премачкајте ја со растопен маргарин. Врз неа ставете уште една кора. И неа премачкајте ја со маргарин и ставете од мелените ф’стаци по цела кора.
  3. Со стреч фолија обвиткувајте едно стапче за ражнич или дебела игла за плетење. Може да употребите и потенко сукало.
  4. Кората превиткајте ја малку на крајот и врз неа ставете го обвитканото стапче. Кората завиткајте ја во ролат со стапчето во средина. Откако ќе ја завиткате, соберете ги корите кон средината за да добиете “гужван” ролат. Извадете го стапчето и ставете го ролатот во претходно подмачкана тава за печење. Истата постапка повторувајте ја со сите кори.
  5. Со маргаринот кој ви остана прелијте ја баклавата и ставете ја да се печи на 170 степени за време од околу 15 минути.
  6. Печената баклава сечетеја на парчиња и прелијте ја со шербетот. Најдобро е баклавата да отстои преку ноќ, а потоа да ја послужите. На здравје!

Автор на рецептот: Елизабета Пешовска (My little kitchen stories).

Ви предлагаме да прочитате: Брзи печива со цимет и тиква.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: