Уште еден испробан рецепт од кујната на Сѐ за храна. Драги пријатели, време е за многу вкусен и едноставен рецепт, за домашна посна обланда со чоколадо и бисквити. Ние направивме вкусна дегустација со најблиските, а сите уживаа и се засладуваа со овој рецепт, па затоа го споделуваме со вас.
Она што најмногу ни се допаѓа е дека потребни ви се само 10-тина минути за да ја направите, нема матење и нема печење, а нема и многу валкани садови. Со оглед на тоа дека ќе добите многу парчиња, поканете ги пријателите на дегустација. А ако ви останат неколку парчиња обланда, спакувајте ја и замрзнете ја.

Состојки:
- 1 пакување обланда
- 450 мл вода
- 400 грама шеќер (по желба количината на шеќерот може да ја намалите)
- 1 ќесичка ванилин шеќер или 1 мала лажичка екстракт од ванила
- 200 – 250 грама мелени бисквити
- 200 грама чоколадо за готвење.
Подготовка:
- Во тенџере на оган, на средно висока температура ставете ја водата, шеќерот и ванилиниот шеќер да се варат.
- Штом шербетот зоврие, варете уште минута до две, а потоа додајте ги мелените бисквити. Измешајте со лажица за да се добие хомогена смеса, а потоа тенџерето тргнете го од огнот.
- Додајте го чоколадото искршено на коцки. Продолжете со мешање додека чоколадото се растопи. Филот поделете го на четири дела.
- Земете го првиот лист обланда, ставете го во поголема тава и врз него ставете ¼ од филот. Филот распоредете го врз обландата. Потоа ставете го вториот лист и филувајте. Постапката повторете ја додека ги потрошите листовите обланда и филот.
- Готовата посна обланда оставете ја неколку часа да се излади и да се стегне филот. Исечете ја на парчиња по желба и послужете ја. По желба декорирајте ја со парчиња чоколадо. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Брзи обланда колачи – музички касети.