Традиционална посна пита со праз без тегнење

Пријатели, со голема радост го споделуваме овој традиционален рецепт, пренесуван со генерации! Да ја пробаме посната катмер пита со праз, која наликува на мазник но се прави без тегнење.

Досега не сме го чуле зборот катмер, но човекот учи додека е жив, нели? Можеби некои од вас го слушнале, а за тие што прв пат се среќаваат со овој збор, да го објасниме. Катмер пита се нарекува питата направена со многу тенки кори кои се двојат една од друга. Рецептот за оваа пита е традиционален, кој го приготвувала бабата на нашата пријателка Лана, од блогот Kuhinjica Mignone. Единствена разлика е што Лана ја направи оваа пита со масло, наместо маст. Таа ни пренесе дека питата има крцкави кори и дека е многу вкусна. А по желба може да ја направите со тиква, компир или друг фил по ваша желба.

катмер пита со праз

Состојки:

  • 500 грама брашно
  • 1 мала лажичка сол
  • 350 мл млака вода
  • масло за премачкување на корите.

За фил:

  • 3 страка праз
  • сол
  • мелен црн пипер
  • масло по потреба.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете го брашното, солта и млаката вода. Замесете меко тесто. Тестото поделете го на 6 дела и од нив формирајте топчиња. Оставете го тестото за време од 10 минути.
  2. Врз набрашнета работна маса, со помош на сукало од секој дел исучете тенка кружна кора. Кората премачкајте ја со масло.
  3. Исучете ја втората кора и поставете ја врз првата. Премачкајте ја со масло. Исучете ја третата кора и поставете ја врз втората. Третата кора не се премачкува со масло. Постапката повторете ја и со преостанатите кори.
  4. Повторно оставете ги корите за време од 10 минути.
  5. Земете го едниот дел и исучете го во форма на круг. Засечете го на 6 до 7 места, но не до крајот. Секое делче премачкајте го со масло и преклопете го едно врз друго како што е прикажано на сликата.
  6. Потоа, топчето превртете го на долната страна и оставете го да одмори уште 10 минути. За тоа време пригответе го филот.
  7. Празот ситно исечкајте го и пропржете го во тава со загреано масло. Штом празот омекне посолете го и наросете мелен црн пипер. Тавата тргнете ја од огнот и оставете ја да се излади.
  8. Земете го првото топче и со помош на сукало врз набрашнета работна маса исучете тенка кора во форма на правоаголник. Кората пресечете ја на два дела. Врз секој дел ставете од филот со праз. Корите свиткајте ги како ролни и наредете ги во круг во тава премачкана со масло.
  9. Постапката повторете ја со второто топче. Питата премачкајте ја со масло и печете ја во загреана рерна на 200 степени за време од 30 до 40 минути. Посната катмер пита со праз оставете ја малку да се излади, а потоа исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Посен мазник со кисела зелка.

Сподели: