торта со питулици

Потпечена солена торта со питулици и сирење  

Уште еден традиционален и превкусен рецепт кој почесто се прави во зимскиот период! Драги читатели, можеби вашите баби или мајки приготвувале питулици, кои претставуваат печени кори направени од брашно, вода и малку сол. Питулиците се посни и традиционално се прават за Бадник, но може да ги направите во било кое време. Може да ги послужите со сирење, мармалад или друг фил по желба. Освен тоа, добра идеја е да ја направите и оваа потпечена солена торта со питулици и сирење.

Постапката за подготовка е иста како и за палачинките, само што питулиците се посни и се потенки. И благодариме на Катерина, за убавиот рецепт!

солена торта од питулици

Состојки:

  • 1 литар вода
  • 1 лажичка сол
  • брашно по потреба.

Фил:

  • 200 гр рикота (во замена може да користите изварка, урда)
  • 100 гр младо кравјо сирење
  • 100 гр младо козјо сирење.

За премачкување:

  • масло по потреба
  • 1 белка.

Подготовка:

  1. Прво, подгответе ја смесата за питулиците.
  2. Во подлабок сад ставете ги водата и солта, и постепено со постојано мешање додавајте брашно, се додека се добие смеса за нијанса поретка од онаа смеса за палачинки.
  3. Нелепливата тава за палачинки ставете ја на оган да се загрее. Во загреаната тава ставете неколку капки масло и додавајте со црпалка од смесата. Смесата распоредете ја во тавата и печете од двете страни, исто како палачинки.
  4. Во друг сад помешајте ги сите сирења и сосема малку посолете.
  5. Во кружна тава попрскајте малку масло и ставете една питулица. Питулицата попрскајте малку со масло, нанесете од филот, пак ставете питулица, попрскајте малку со масло, ставете од филот и повторувајте додека ги потрошите питулиците. Последната питулица, премачкајте ја со белка од јајце и попрскајте со масло. Вака наредената торта со питулици исечете ја на 8 парчиња и печете ја во загреана рерна на 200 степени за време од 30 минути.
  6. Послужете со јогурт. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Испробан рецепт за домашни посни питулици.

Сподели: