Овие вкусни мини еклерчиња кои се познати како профитероли, својата популарност ја стекнале уште во времето на ренесансата кога рецептот од Италија бил пренесен во Франција од страна на Катерина де Медичи. Во 1540 година нејзиниот личен кувар го креирал рецептот за еклери и профитероли кој потоа бил распространет во цела Европа и станал многу популарен во Франција, Англија и секако Италија.

Состојки:
- 4-5 јајца (зависи од големината)
- 250 мл вода
- 125 мл масло
- 150 г брашно
- малку сол
- 3 мали лажички шеќер.
Фил:
- 1 ќесичка прашок за пудинг од ванила
- 3 лажици шеќер
- 1 жолчка од јајце
- ½ литар млеко.
Чоколаден прелив по желба:
- 115 г шекер
- 175 г чоколадо за готвење
- 30 мл путер
- 30 мл рум
- 60 мл вода.
Подготовка:
- Во тенџере на оган, на средна температура ставете ја водата, додајте го маслото, солта и шеќерот. Штом течноста зоврие тенџерето тргнете го од шпоретот.
- Во тенџерето додајте го брашното и енергично мешајте со дрвена лажица за да добиете густо тесто.
- Оставете ја смесата да се излади за време од 15 до 20 минути, а потоа со континуирано мешање со дрвената лажица, едно по едно додавајте ги јајцата. Притоа, внимавајте убаво да ја измешате смесата со додаденото јајце, а потоа додајте го наредното јајце.
- Во тава или плех ставете хартија за печење. Со готварски шприц формирајте мали топчиња со големина на орев. Порфитеролите ставете ги да се печат на температура од 200 степени, за време од 20 минути, а потоа намалете ја температурата на 18о степени и печете уште 15 минути. За време на печењето не ја отворајте рерната. Печените профитероли оставете ги да се изладат.
- Во меѓувреме, пригответе го филот. Млекото и шеќерот ставете ги во тенџере на оган да се варат. Прашокот за пудинг ставете го во длабока чинија и додајте го јајцето. Измешајте ги убаво, а потоа додајте ги во зовриеното млеко. Мешајте со лажица додека филот се згусти. Тенџерето тргнете го од оган и оставете го филот да се излади.
- Профитеролите пресечете ги на половина и ставете од припремениот фил.
- Потоа, по желба прелијте ги профитеролите со чоколадна глазура. Во тенџере на оган ставете ја водата и шеќерот да се загреат. Во тенџерето додајте го чоколадото и мешајте додека чоколадото се растопи. Потоа додајте ги путерот и румот и тргнете го тенџерето од оган. Немојте да дозволите преливот да ви зоврие. Оставете го чоколадниот прелив малку да се излади.
- Филованите профитероли преливајте ги со изладениот чоколаден прелив по желба или наросете ги со шеќер во прав.
Рецептот го испратил: Тодорка Наумоска Димески