Домашно направените кори се највкусни! Во Македонија познати се како кори или јуфки, а летото е идеален период кога може да ги направите дома, а ќе ги користите преку целата година.
Традиционален рецепт за домашни јуфки ни испрати Даниела. Таа вели: „Традицијата на правење домашни јуфки кај нас е стара. Порано секогаш јуфките се сукаа и се сечеа со нож. Тоа беше посебен ден кога две-три тетки заедно со мојата мајка си доаѓаа секоја со своето сукало, па тука имаше добро дружење, по некоја шега и многу јуфки. Затоа мислам дека убавината не е само во тоа да се касне домашна јуфка туку тука е и дружењето“.
Состојки:
- 4 кг брашно
- 31 јајце
- 250 мл млеко
- 200 мл масло
- сол по потреба
Подготовка:
- Во поголем сад се кршат јајцата и се додаваат млекото и маслото. Заедно се матат за да се добие хомогена смеса.
- Брашното убаво се сее низ сито и се става во друг длабок сад. Во садот се додава една рака сол и се меша.
- Смесата од јајца постепено се додава во садот со брашното и се замесува тесто.
- Добро месеното тесто на кое се забележуваат меурчиња, се дели на малечки топчиња. Топчињата повторно се месат и се ставаат во машина за кори. Прво се поминуваат низ машината прво низ 3, па низ 6 и на крај се сечат на 6.
- Одкако ќе се исечат, се ставаат врз чисти покривки да се сушат и се покриваат со газа или завеса за да се заштитат од инсекти. За да не побелат јуфките треба да се сушат под сенка.
- Убаво исушените домашни јуфки се собират во хартиени или платнени торбички.

Рецептот го испратил: Даниела Џогова