Малите, слатки Рафаело бомбици се произведени во 1990 година, а нивниот фантастичен вкус им ја донел големата популарност ширум светот. Познати се по топчеста вафла наполнета со бел млечен крем и бадеми во внатрешноста, и полиени со вкусен слој на кокос. За кратко време добиле голем број на обожаватели, па така многумина започнаа да испробуваат рецепти и да ги користат истите состојки при приготвување на бомбици од кокос.
И ние сме дел од нив, па затоа испробуваме различни рецепти за рафаело бомбици со млеко во прав, пудинг од ванила и слично. Овој пат ви претставуваме навистина едноставен рецепт, а крајниот резултат е и повеќе од прекрасен – Рафаело бомбици на кои никој нема да остане рамнодушен.

Состојки:
- 125 гр путер
- 100 мл вода
- 200 гр кокосово брашно
- 250 гр шеќер
- 250 гр млеко во прав
- 100 гр лешници
- 50 грама кокосово брашно за посипување.
Подготовка:
- Во тава на оган, на висока температура ставете ги лешниците кратко да се пропржат. Потоа, излупете ги. Исто така, лушпата од лешниците може да ја отстраните на многу лесен начин, а постапката прочитајте ја тука.
- Во тенџере на оган ставете ја водата да зоврие, па додајте ги шеќерот и путерот. Мешајте додека шеќерот и путерот се растопат.
- Тенџерето тргнете го од огнот и постепено додајте ги млекото во прав и кокосовото брашно. Убаво измешаната смеса оставете ја да се лади.
- Од смесата земете мал дел и формирајте топче. Потоа, топчето притиснете го со раката и во средината ставете лешник. Повторно формирајте бомбица. Постапката повторете ја додека смесата се потроши. Доколку сместа ви е многу мека и не можете да формирате бомбици, додајте од кокосовото брашно.
- Вака формираните рафаело бомбици валкајте ги во кокос. Сервирајте ги во хартиени корпиња, а до служењето чувајте го на ладно место. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Посни Рафаело бомбици.