Топла порција од ролнички со печурки секогаш може да биде добра идеја за појадок, посебно ако обожавате печурки. Бешамелот го дополнува вкусот и ги прави извонредно сочни. Меки се и лесно се припремаат за кратко време.
Често пати на блогот на нашата пријателка Лана – Kuhinjica Mignone се наоѓаат добри и испробани рецепти, па слободно може да го пробате и овој, нема да згрешите.

Состојки:
- 1/2 кг тенки кори за пита
- 400 гр шампињони
- 5-6 лажици масло
- 1 помала главица кромид
- 3 чешниња лук
- 1/2 лажичка сол
- 1 лажичка сув зачин
- 1 лажичка црн пипер
- 20 гр путер
- 2 лажици масло
- 4 лажици брашно
- 1/2 лажичка сол
- 350-400 мл млеко
- 1 јајце
- 1 лажица вода
- оригано.
Подготовка:
- Ситно сечканиот кромид запржете го во масло со малку сол.
- Кога кромидот ќе омекне, додајте ги и шампињоните, па динстајте додека испари непотребната течност. Пред крајот зачинете и додајте го ситно сечканиот лук, па кратко пропржете. Запржените шампињони оставете ги на страна, па припремете го бешамелот.
- Растопете го путерот на тивок оган и постепено додавајте од брашното и цело време мешајте. Кратко потоа, додајте го и врелото млеко, а при тоа не престанувајте со мешање. Веднаш тргнете го од оган и зачинете го.
- Во посебен сад изматете 1 јајце со малку вода, тоа ќе послужи за премачкување.
- За припрема на еден ролат се потребни околу 10 кори, така од 1/2 кг кори се добиваат 2 ролати, односно 24 парчиња. Корите разлистајте ги и првите 9 редете ги една преку друга, така што помеѓу нив ќе премачкувате по малку бешамел. 10-тата кора не ја премачкувајте, туку на втората третина од кората рамномерно нанесете ги печурките и завиткајте цврст ролат. Страничните рабови не мора да бидат поклопени.
- Вака припремениот ролат сечете го на парчиња со дебелина од 3 см. Исечените парчиња веднаш премачкајте ги со јајца од сите страни и наредете ги во плех, кој претходно сте го обложиле со хартија за печење. По желба, некои од ролничките посипете ги со оригано.
- Печете во претходно загреана рерна на 220 степени, околу 20 минути. Служете ги веднаш додека се топли.
Забелешка: Не се погодни за замрзнување, а може да се каже ниту за подгревање. На сличен начин, може да припремите ролнички со пилешко бело месо и бешамел, уште повкусни се, испробано ни е.
Ви препорачуваме да прочитате: Ролована гибаница.