Салата од прокељ со прелив од маслиново масло и лимон

Прокељот е мал зелен зеленчук кој по својот изглед потсетува на минијатурна зелка. Ретко се користи во македонската кујна, а бидејќи има многу придобивки за здравјето, вреди да се потрудиме почесто да го користиме. Рецепти за подготовка на прокељ ретко се наоѓаат, па затоа ќе посветиме поголемо внимание на овој многу здрав зеленчук. Започнуваме со вкусна салата од прокељ која ни доаѓа од кујната на Лана.

Може да се каже дека прокељот е чувар на здравјето бидејќи во својот состав поседува значајни антиоксиданси како индоли, лутеин, зеаксантин, сулфорафан и исотиоцијанати. Заедно, овие фито состојки се борат и превенираат од појава на канцер на простата, дебелото црево и матката. Исто така прокељот содржи синигрин, состојка за која истражувачите претпоставуваат дека ги уништува пред канцерогените клетки и штити појава од рак на дебелото црево. Дознајте зошто прокељот се смета за моќен природен борец против ракот.

салата од прокељ

Состојки:

  • 400 грама прокељ
  • 1 лимон
  • 2 до 3 чешниња лук
  • црн пипер и сол по вкус
  • маслиново масло
  • свеж магдонос.

Подготовка:

  1. Прокељот измијте го, отстранете ги листовите и отсечете го долниот, задебелен крај.
  2. Во тенџере на оган ставете вода и посолете ја. Во тенџерето додајте го прокељот и варете го за време од 10 до 15 минути.
  3. Лимонот исцедете го.
  4. Магдоносот ситно исечкајте го.
  5. Варениот прокељ исцедете го и оставете го малку да се излади.
  6. Во чинија за салата ставете го прокељот. Лукот ситно исечкајте го и измешајте го со варениот прокељ.
  7. Врз прокељот ставете маслиново масло, свеж цеден сок од лимон, посолете по вкус и зачинете со мелен црн пипер. На крај, приготвената салата зачинете ја со ситно сечкан магдонос и оставете ја да се излади комплетно.
  8. Готовата салата од прокељ може да ја послужите како предјадење или прилог со печена риба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Свежа салата со печурки и чија семе.

Сподели: