Сладолед торта – чоколаден мус со јагоди

„Идеален летен сладок хит! Ова е највкусната сладолед торта која треба да ја пробате ова лето! Фантастично изгледа, а вкусот со три чоколада и јагоди ќе ве освои на прв залак. Мус и сладолед во совршена комбинација за љубителите на убави десерти.

Инспирацијата за тортата ја пронајдов на интернет и многу ми се допадна, па веднаш го зазеде првото место за избор на десерт. Обожавам брауни колач, а филовите со млечно, бело чоколадо и јагоди ме освоија. Уште пред да ја направам претпоставив дека ќе биде вкусна, но верувајте дека е уште повкусна од тоа што изгледа. Нека биде ваш избор за роденденска торта или за друг повод. “ – вели Марија.

sladoled torta

Состојки:

За брауни колач:

  • 200 г чоколадо за готвење
  • 200 г путер
  • 60 г какао
  • 65 г брашно
  • 1 лажичка прашок за пециво
  • 180 г шеќер
  • 4 јајца
  • прстофат сол.

За чоколаден фил:

  • 300 мл слатка павлака
  • 200 г млечно чоколадо.

За фил со јагоди:

  • 300 г јагоди
  • 60 г шеќер
  • 200 мл слатка павлака
  • 1 ќесичка желатин.

За фил со бело чоколадо:

  • 300 мл слатка павлака
  • 200 г бело чоколадо.
сладолед торта

Подготовка:

  1. Чоколадото искршете го на коцки. Во сад на пареа или тивок оган ставете го заедно со путерот и измешајте додека се растопат. Садот тргнете го на страна.
  2. Во сад ставете ги брашното, прашокот за пециво и какаото од Витаминка. Измешајте ги, а потоа пресејте ги со сито. Во садот со брашното додајте ги шеќерот и солта. Измешајте и додајте ја смесата со чоколадо и путер. Мешајте со жица за матење и додавајте ги јајцата едно по едно.
  3. Калапот за торта (26 см) обложете го со хартија за печење, па ставете ја смесата за колачот. Израмнете и ставете го колачот да се печи во загреана рерна на 180 степени за време од 25 – 30 минути.
  4. Печениот колач оставате го да се излади за време од 1-2 часа.
  5. Колачот ставете го врз чинија за торта, а околу него поставете го обрачот од калапот за торта, така што внатрешните страни ќе ги обложите со хартија за печење.
  6. Јагодите измијте ги, исчистете ги и изблендирајте ги. Искористите максимално 350 мл пире од јагоди. Желатинот ставете го во мал сад и додајте 50 мл вода. Измешајте и оставете го да набабри за време од 5-10 минути. Потоа растопете го на тивок оган. Пирето од јагоди и шеќерот ставете ги во сад на оган. Кратко варете ги и тргнете го садот од огнот. Додајте го желатинот, измешајте и оставете го филот да се излади на собна температура.
  7. Млечното чоколадо и 100 мл слатка павлака ставете ги во мал сад на тивок оган. Мешајте додека чоколадото се растопи и состојките се соединат. Садот тргнете го од огнот и оставете го да се излади. Смесата треба да биде млака.
  8. Во друг сад на оган ставете ги белото чоколадо и 100 мл слатка павлака. Штом се соединат, садот тргнете го од оган и оставете го да се излади. И овој фил треба да биде млак.
  9. Преостанатата слатка павлака изматете ја со миксер додека се добие не многу цврст шлаг. Шлагот поделете го на три дела. Во едниот дел додајте ја смесата со млечно чоколадо и измешајте со шпатула. Во другиот дел додајте ја смесата со бело чоколадо и измешајте со шпатула, а во третиот дел додајте го пирето од јагоди.
  10. Врз бруни колачот ставете го чоколадниот фил и израмнете. Потоа нанесете го филот со јагоди, а на крај филот со бело чоколадо.
  11. Тортата ставете ја во фрижидер за време од неколку часа, а најдобро е преку ноќ. Внимателно отстранете го обрачот и хартијата за печење. Тортата може да ја замрзните и да ја послужите како сладолед во топлите денови. Декорирајте ја по желба и уживајте со sezahrana.mk. Превкусна е!
сладолед торта

Совети плус од авторот:

  • „Тортата може да ја печете и во калап со големина 28. Во тој случај намалете го времето на печење на 20 минути.
  • Брауни колачот при печењето останува малку влажен во внатрешноста. По печењето оставете го целосно да се излади, а потоа ќе ја добие посакуваната текстура.
  • Ако калапот не е доволно висок, пред да ја филувате тортата, направете продолжеток со помош на картони или пластика (јас користев организатори за фиоки).
  • Во зависност од слатката павлака која ја користите, ако филовите не ви се доволно цврсти, пред нанесувањето на секој слој, тортата ставете ја во фрижидер околу 30 минути.
  • И за крај, веќе размислуваш да ја направиш преубавата сладолед торта? Имаш прашања? – Пиши ми на Facebook или Instagram. Посети ги моите профили и пронајди ја твојата инспирација за подготовка на вкусно јадење или десерт. Може да ме следиш на:

А штом ја направиш тортата, испрати ми ги фотографиите или означи ме на твојата објава. Со задоволство ќе ги споделам на стори. И најважно од сѐ – приготви ја со љубов и сподели ја со најблиските.“ – додава Марија.

сладолед торта мус торта

Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска@kocovska.marija.

Ви предлагаме да прочитате: Чоколадирани колачи со кокос.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: