Омилена за време на куќните слави и имендени! Во кујната на Сѐ за храна приготвивме едноставна солена торта со спанаќ за новиот број на списанието Добра храна.
Инспирирани од ролатот на нашата пријателка Лана, празничната трпеза ја збогативме со парчиња солена торта. Би рекле совршена за било кој период од годината!

Состојки:
- 500 г спанаќ
- 80 г путер или маргарин
- 80 г брашно
- 400 мл млеко
- 1 лажичка сол
- 5 јајца.
За фил:
- 150 г кашкавал
- 100 г сирење
- 250 г шунка
- кисела павлака по потреба.
Подготовка:
- Во тенџере на оган ставете поголема количина на вода да се вари. Спанаќот исчистете го од дршките.
- Исчистениот спанаќ ставете го во зоврената вода и кратко избланширајте го. Потоа, исцедете го и ситно исечкајте го.
- Во тенџере или поголема тава растопете го путерот и во него малку пропржете го брашното, па додајте го исечканиот спанаќ и посолете.
- Полека додавајте го млекото и постојано мешајте за да не се формираат грутчиња. Варете неколку минути додека смесата се згусне убаво како пудинг. Тргнете го од ринглата и оставете потполно да се излади.
- Во изладената смеса додајте ги жолчките и изматете со миксер. Белките ставете ги во одделен сад и изматете ги во цврст снег.
- Во садот со спанаќот додадете ги белките и измешајте со лажица за да се соединат.
- Плехот обложете го со хартија за печење, а потоа ставете ја смесата за пандишпанот. Печете во загреана рерна на 200 степени, околу 20-30 минути.
- Печениот пандишпан оставете го кратко да се излади, а потоа превртете го и отстранете ја хартијата за печење. Исечете го на два еднакви дела и оставете го целосно да се излади.
- Кашкавалот и саламата исечкајте ги на ситни коцки. Сирењето издробете го со виљушка. Во длабок сад ставете ги кашкавалот, саламата и сирењето. Измешајте ги и додајте кисела павлака за да се поврзат состојките.
- Врз едната кора ставете го филот и израмнете. Потоа ставете ја и втората кора. Готовата торта оставете ја во фрижидер за време од неколку часа, а потоа исечете парчиња и послужете ја. Декорирајте со кисела павлака и кечап. Уживајте во фантастичниот вкус со „Сѐ за храна“!
Ви препорачуваме да прочитате: Посна солена торта со спанаќ.